Премиер на Сингапур: Царините не се реформа, туку отфрлање на системот што САД самите го создадоа
- Премиерот на Сингапур, Лоренс Вонг ги коментираше царините на Трамп кои важат ширум светот од утрово, вклучително и рекордната царина од 104 отсто за Кина.

Сингапур, 9 април 2025 (МИА) - Премиерот на Сингапур, Лоренс Вонг ги коментираше царините на Трамп кои важат ширум светот од утрово, вклучително и рекордната царина од 104 отсто за Кина.
Тој ја критикуваше царинската политика на Трамп и рече дека Сингапур е многу разочаран од овој потег.
„Тоа што Америка го прави во моментов не е реформи, туку отфрлање на самиот систем што го создаде. Воведоа универзална тарифа од 10 отсто за увоз на стоки од речиси сите земји. Покрај тоа, дополнителни царини до 50 отсто се воведени за некои земји, особено оние кои имаат трговски суфицит со САД. Според толкувањето на американската администрација, овие широки царински мерки се неопходни за да се поправат трговските нерамнотежи. Но, водењето трговски дефицит не е лоша работа само по себе - тоа едноставно значи дека американските потрошувачи купуваат повеќе од светот отколку што светот купува од САД“, рече Вонг.
Singapore Prime Minister Lawrence Wong. pic.twitter.com/STI188eUFX
— Boston Smalls (@smalls2672) April 8, 2025
„Ако царините беа навистина реципрочни и беа насочени само кон оние со трговски суфицит, тогаш царината за стоки од Сингапур треба да биде нула. Но, и покрај тоа, ние сме погодени и од царините од 10 проценти. Многу сме разочарани од потегот на САД, особено со оглед на длабокото и долгогодишно пријателство меѓу нашите две земји. Ова не се потези што пријателите ги прават едни на други“, рече сингапурскиот премиер Лоренс Вонг. рп/
Фото: МИА архива