• вторник, 24 декември 2024

Премиера на „Франкештајн“ утре во Театарот за деца и младинци

Премиера на „Франкештајн“ утре во Театарот за деца и младинци

Скопје, 5 јули 2023 (МИА) - Младинската претстава „Франкештајн“ работена според истоимениот роман од Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ  од Србија премиерно ќе биде изведена утре вечер во Н.У. Театар за деца и младинци. Драматизацијата на претставата е на Димитрије Коканов од Србија и Драгана Лукан Николоски.

Како што посочи на денешната прес-конференција директорката на театарот Катарина Илиевска Силјановска, претставата претставува едно модерно читање на романот на Мери Шели и се занимава со темата за создавањето на чудовишта во секојдневието и општото прифаќање на нив.

Претставата „Франкештајн“ се препорачува за возрасни над 14 години.

-Ова е прва наша премиера на младинска претстава годинава, работена според мотивите на „Франкештајн“ од Мери Шели. Како и во изминатите неколку месеци, се обидуваме секогаш да направиме нешто поразлично од претходното. И оваа претстава ќе биде некој новитет, иновација, рече Илиевска Силјановска.

Режисерот Кокан Младеновиќ рече дека поводот на претставата е да се раскаже приказната од нашето време - како нас ова време не прави чудовишта и зошто се однесуваме чудовишно кон оние кои немаат глас. Претставата е гласот на сите оние кои се дискриминирани.

-Сите ние истражуваме и откриваме кој е Франкештајн во нашето време. Кого го дискриминираме и зошто. Кого го отфрлуваме, кои групи во општеството се дискриминирани и кон кого сме најмногу агресивни само затоа што се разликува од нас по изгледот, вера, нација, сексуално определување. Ова е повод да се каже приказната од нашето време, во врска со тоа како нас ова време не направи чудовиште, како ние сме чудовишта кон одредени лица, или како ние како општество се однесуваме чудовишно кон оние кои немаат свој глас. Па, еве, ние ја земавме таа слобода да бидеме гласот на сите оние кои се дискриминирани, преку оваа претстава, рече режисерот на прес-конференцијата.

Тој додаде дека е задоволен од крајниот исход на претставата, но како што рече, неговата најголема радост беше процесот на работата кој бил многу возбудлив и интересен.

Драматургот Димитрије Коканов на прес-конференцијата посочи оти претставата се занимава исклучиво со дефинирање на прашањето кој е тој „другиот“ во општеството кој е дискриминиран и смета дека сите можат да се идентификуваат со чудовиштето на одреден начин.

-Роман на Мери Шелин го искористивме за истражување на контекстот во кој ние се наоѓаме и значајно во изведбата на претставата е тоа што таа настана како колективен глас на сите поединечни учесници во просецот. Се занимававме исклучиво со дефинирање на прашањето кој е тој другиот во општеството, особено затоа што ние на Блаканот имаме различни начини на дискриминација. Мислам дека сите ние можеме да се идентификуваме со чудовиштето на одреден начин. Не станува збор за хипотетичка работа која ја поставивме пред публиката, туку на некој начин секој од нас дал нешто од свое лично искуство и доживување, додаде Коканов.

Драгана Лукан Николоски потенцираше дека Театарот за деца и младинци како институција има обврска да покренува вакви прашања и да се обраќа на публиката, конкретно кон оваа публика, која генерално е запоставена од театарот за возрасни.

-Во конкретниот случај, оваа претстава се занимава со теми кои ја интересираат таа публика и се обидовме да го доловиме јазикот на кој што таа генерација зборува, за да можеме на нивниот јазик да им зборуваме за она кој е нивниот интерес и притоа да се обидеме да не бидеме надмени, туку да комуницираме со нив онака како што заслужуваат, со апсолутен почит и со третман дека ние сите сме еднакви на сите нивоа и разговараме како возрасни на темите кои не засегаат, додаде Лукан Николоски.

Актери кои играат во претставата се Ангела Димитрова, Бојан Кирковски, Матеа Јанкевска, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Никола Наковски и Симона Спировска.

Симона Спировска на денешната прес-конференција посочи дека преку оваа претстава отвораат теми за кои сметаат дека е значајно да се зборува, а акцентот е ставен на општествено социјални можности за дискриминација по сите основи.бт/лв/

Фото/ МИА

Остани поврзан