• понеделник, 23 декември 2024

Премиера на документарниот филм „Време на бетон“ 

Премиера на документарниот филм „Време на бетон“ 

Скопје, 18 април 2024 (МИА) - Во Кино „Фросина“ вечер премиерно ќе биде прикажан долгометражниот документарен филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов и продукција на „Скопје Филм Студио“.

Како што информираат од продукцијата „Скопје Филм Студио“, филмот е посветен на архитектонско-урбанистичката историја на Скопје со главен фокус на ерата на брутализмот. „Време на бетон“ ја раскажува приказната за Скопје, поточно неговата архитектонскоурбанистичка историја.

-Особен фокус е ставен на модерната, која го следи градот од почетокот на дваесеттиот век. Посебно кусата ера на брутализмот. Што е она што доведе до овој подем во време кога е тоа најпрогресивен правец во светската архитектура? Која е неговата вредност, естетска, архитектонска, практична и зошто тој е со децении предмет на политичка конфронтација, идентификација и антагонизам? „Време на бетон“ претставува обид да ги деконструира и објасни овие феномени. Грижливо компронираните кадри, надополнети со архивски снимки и фотографии, како и 3Д анимации, водени од нарација, го прават овој филм едно уникатно аудио-визуелно патување низ скопскиот бетон и неговата контроверзност, се посочува во најавата за премиерата на документарниот филм.

„Време на бетон“ е снимен по сценарио на Игор Иванов и Томи Салковски. Автор на
нарацијата која го води филмот е Ѕвездан Георгиевски, а наратор е Никола Ристановски. Соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова. Кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, а дизајнот на звук на Игор Поповски. Продуцент е Томи Салковски.

Овој филм е снимен со поддршка од Агенцијата за филм. фф/лв/

Фото: Скопје Филм Студио

Остани поврзан