• петок, 22 ноември 2024

Преку новата апликација „mAiGreece“, туристите ќе имаат дигитален асистент за време на нивниот престој во Грција

Преку новата апликација „mAiGreece“, туристите ќе имаат дигитален асистент за време на нивниот престој во Грција

Атина, 3 јуни 2024 (МИА) – Информации за болници, амбасади, плажи, полициски станици, музеи и сл, достапни на 31 јазик, вклучува новата апликација „mAiGreece“ на грчката Влада што ќе функционира како дигитален асистент и со употреба на вештачката интелигенција ќе им помага на туристите за време на нивниот престој во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Апликацијата ќе биде достапна од 10 јуни, а претпладнево ја презентираа министерката за туризам на Грција Олга Кефалојани и министерот за дигитално управување Димитрис Папастергиу.

Според најавите „mAiGreece“ може да даде одговори за: болници низ цела Грција; здравствени центри; за амбасади и конзулати на странски држави во земјата; за полициски; плажи со сини знамиња; музеи, ќе пренесува содржини од апликацијата visitgreece.gr и ќе одговори на најчесто поставувани прашања.

Дополнително, ќе има и функција за итни случаи преку копчето 112, со што ќе смс испрати порака до оперативниот центар на Министерството за климатски кризи и цивилна заштита со географската локација на испраќачот.

Апликацијата поддржува 31 јазик, односно официјалните јазици на ЕУ, како и албански, кинески, јапонски, турски, хебрејски, арапски и корејски.

Министерката за туризам на Грција Олга Кефалојани рече дека „mAiGreece“ е важен чекор кон „зајакнување на квалитетните карактеристики на грчкиот туризам“, но и уште повеќе да се зајакне „чувството на безбедност и гостопримство, што веќе се главните предности на грчкиот туризам“.

Министерот за дигитално управување Димитрис Папастергиу истакна дека од 10 јуни сите посетители, но и грчките туристи, бесплатно, ќе имаат на располагање личен дигитален туристички водич. ср/

Остани поврзан