• среда, 27 ноември 2024

Преку ЕУ проекти Лесковац, Крива Паланка и Скопје ја зајакнуваат туристичката понуда и вработувањето

Преку ЕУ проекти Лесковац, Крива Паланка и Скопје ја зајакнуваат туристичката понуда и вработувањето

Белград, 29 септември 2024 (МИА) - Проектите на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Србија и Северна Македонија ја подобрија туристичката понуда на Лесковац и Крива Паланка, а проектот на Лесковац со Албиз и Алка од Скопје го зајакнаа вработувањето кај младите, јави дописникот на МИА од Белград.

Во Ниш во рамки на „Европската недела на можностите“ беа доделени сертификати на девет добитници на грантови на вториот повик за Програмата за прекугранична соработка Србија - Северна Македонија 2016-2020 година, вредна два милиони евра.

Меѓу нив се и проектите за подобрување на туристичкиот потенцијал на Лесковац и Крива Паланка, преку проектот „Земја на легендите“ со кои двете места добија нови туристички капацитети што го спроведуваат Едукативниот центар од Лесковац во соработка со уште две организации од Македонија.

Со инвестирање во инфраструктурата преку проектот „Земја на легендите“, кој е продолжение на проектот „Поврзување на бисерите“, проект менаџерот и претставник на Крива Паланка од Северна Македонија, Мартин Николовски, очекува континуиран развој на туризмот во тие региони.

-ЕУ го финансираше проектот со 200.000 евра и тие пари ќе ги поделиме. Планот е во Крива Паланка, на локалитетот Градец, да направиме партерно уредување со урбана опрема, додека во Лесковац, во месноста Соколац, да се гради видиковец. Верувам дека ќе успееме да постигнеме добробит за граѓаните на Крива Паланка и Лесковац, како и на целиот прекуграничен регион, изјави Николовски за „Јужне вести“ од Ниш.

Со проектот „Поврзување на бисерите“ обележани се пешачки патеки во двата региона, изградени се детски игралишта и летниковци, поставени се клупи, соларни светилки и информативни табли на над 40 туристички места.

Уште еден проект финансиран од Европската Унија – „Вработување и зајакнување на претприемништвото“ е  реализиран во Лесковац со Македонија, на Едукативниот центар од овој град во соработка со уште две организации од Македонија – Албиз и Алка од Скопје.

Според извршниот директор на Едукативниот центар, Игор Стајиќ, над 200 лесковчани поминале различни обуки за помош при вработување.

-Проектот имаше за цел да ги поддржи младите кои се надвор од образовниот систем, не се вработени и без каква било обука што би им помогнала да го решат својот социјален статус на позитивен начин. Во случајот на Србија, најголем дел од корисниците беа од ромската популација, изјави Стајиќ.

Соработката меѓу Лесковац и Скопје, како што истакна тој, била полна со разбирање поради сличниот културолошки простор, а соработката меѓу невладините организации е корисна бидејќи пристапите се поблиски, за разлика од земјите кои на проблемите гледаат поинаку. об/цр

Фото: Медиа ЕУ инфо

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан