• среда, 27 ноември 2024

Презентирани можностите за инвестирање во индустриска зона Речица во oпштина Куманово

Презентирани можностите за инвестирање во индустриска зона Речица во oпштина Куманово
Куманово, 14 мај 2021 (МИА) - Претставници од бизнис заедницата и Сојузот на стопански комори денеска присуствуваа на презентацијата на можности за инвестирање во зоната Речица во кумановско, која ја организираше oпштина Куманово. Бизнисмените се запознаа со можностите за вложување во оваа зона која се наоѓа на атрактивна локација помеѓу двата коридори 8 и 10.
- Нашата цел како град е да го развиваме стопанството и да дадеме еднакви можности за инвестиции на домашните и на странските инвеститори. Од суштинско значење е секое ново работно место. Во рамките на овие презентации се надеваме дека ќе успееме да најдеме квалитетни инвеститори од реалниот сектор од кој бенефит ќе има и општината и државата, изјави кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Зоната забрзано се развива и е лоцирана северно од градот кон границата со Република Србија, на автопатот Е 75, Белград-Атина, простирајќи се на површина од 65 хектари градежно земјиште, со намена Г2 (лесна и незагадувачка индустрија) и намена Б (големи трговски единици-шопинг молови и хотели).
Претходно се одржа јавна презентација со дипломатско-странски претставништва во државата, со домашната бизнис заедница. - Имавме можност да ги видиме кои се потенцијалите кои ги нуди новата индустриска зона во Куманово. Она што го гледаме како потенцијал во зоната е нејзината навистина добра географска поставеност и можностите коишто локалната самоуправа ги нудат, од аспект на тоа да има добро вмрежување, поврзување, инфраструктура и додадената вредност којашто ја нуди зоната од аспект на поставување на квалитетен синџир на стартување не само на овие компании коишто ќе работата внатре во зоната, туку и на останатите претставници на деловната заедница, ни дава доза на оптимизам дека зоната ќе се развива квалитетно, изјави претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска. Според неа, важно е што ќе се искористат човечките капацитети, да се намали невработеноста во Куманово и да се зголеми стандардот на граѓаните во локалната заедница, да се обезбедат квалитетни и добро платени работни места. Јавното наддавање ќе се одржи кон крајот на мај. Зоната почна да се гради со средства обезбедени од Владата. Засега функционираат неколку компании. Локалната власт очекува со јавното наддавање да привлече голем број фирми, преку развивање на големи трговски единици, хотели, индустрии од лесна и незагадувачка индустрија.ам/фф/

Остани поврзан