• вторник, 26 ноември 2024

Презентација на резултатите од проектот „Заедно за повеќе можности и поддршка - ТИМОР“

Презентација на резултатите од проектот „Заедно за повеќе можности и поддршка - ТИМОР“

Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - Приказ на значењето на процесот на деинституционализација во државата, преглед на постигнатите резултати, тековната состојба на воспоставените станбени единици за живеење со поддршка во заедницата и развојот на социјалните услуги во Северна Македонија, како и препораки за предизвиците што следуваат, треба да овозможи конференцијата која ќе се одржи денеска во Скопје како завршен настан, од 40-месечниот проект „Заедно за повеќе можности и поддршка - ТИМОР“, финансиран од ЕУ.

Настанот е во организација на Здружението на граѓани Центар за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој – ЦеПроСАРД во соработка со партнер организациите Сојуз на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, Специјален Завод Демир Капија, Општина Демир Капија и Фондација Лоза, од Шведска.

Како што е најавено, проектниот тим детално ќе зборува за активностите кои започнаа пред 40 месеци - во 2020 година за овозможување и поддршка во спроведувањето на процесот на деинституционализацијата на лицата со попреченост од резиденцијални институции во единици за живеење со поддршка во заедницата, преку обезбедување на иноватини социјални услуги.

-Со проектот ТИМОР, беа преселени вкупно 50 лица со интелектуална попреченост од Специјалниот Завод Демир Капија во 10 станбени единици за живеење со поддршка. Во воспоставувањето на станбените единици, проектот обезбеди и ангажман на 42 стручни лица – 38 асистенти за живеење со поддршка во заедницата, два координатори на мали групни домови, едно лице за стручна поддршка и еден физиотерапевт, наведуваат од ЦеПроСАРД.

Со постигнатите резултати, проектот, се посочува, придонесе кон подобрување на условите на живеење на лицата со посебни потреби преку нивно раселување во единици за живеење со поддршка во заедницата; ги зајакна капацитетите на стручните лица кои нудат социјална грижа и нега со споведени обуки во кои учество земаа 100 учесници; успешно инкорпорираше иновативни социјални услуги во заедницата – имплементација на окупациона хортикултурна терапија за активна инклузија на лицата со попреченост во и во текот на целата имплементација на проектот работеше кон подигнување на јавната свест за прифаќање и активно вклучување на лицата со попреченост во општествениот живот.

Проектот „Заедно за повеќе можности и поддршка - ТИМОР“, е финансиран од Европската Делегација во рамки на Акциската програма на ЕУ за поддршка во образованието, вработувањето и социјалната политика, ИПА II 2017. вг/лв/

 

 

 

Остани поврзан