• вторник, 05 ноември 2024

Преживеала две тешки болести и на 50 години стана манекенка

Преживеала две тешки болести и на 50 години стана манекенка

Милано, 7 септември 2022 (МИА) - Обидувајќи се да збере сила за секој нов ден и да си ги собере мислите за да може нејзиното тело да ги следи, на 50-годишна возраст добила покана да учествува на модна ревија на „Баленсијага“... Ова е приказна за Агнеза Доркин, Хрватка која 35 години живее во Милано, Италија, по професија се занимавала со модна фотографија и од неодамна е топ-модел. Никогаш претходно не стапнала на модната писта.

Таа имала дијагноза на Кронова болест, малиген тумор во градите и вкупно три операции... - Фотографијата е мојот живот. Дипломирав на Италијанскиот институт за фотографија (Istituto Italiano di Fotografia) во Милано, па научив многу за техниката и ја збогатив визуелната култура. Но, вистинското училиште, како и во секоја уметност, е на теренот. Сега зборуваме за вистинска фотографија, а не за онаа со паметни телефони, вели таа. Агнеза вели оти Милано ѝ нуди можност професионално да се занимава со она што го сака - модна фотографија. - И, така почнав. Имав многу убави соработки со разни редакции, работев на каталози, рекламни кампањи, па го научив не само професионализмот, бидејќи работиш во секакви услови со различни луѓе во многу куси рокови, туку и развив интуиција за тоа што е важно - да се биде брилијантен дури и при неочекувани околности, нагласи таа. Следеле неколкуте животозагрозувачки заболувања. - Наодите беа многу застрашувачки. Имав долг период на дезориентација, бев изгубена, беспомошна... Тој период бараше тишина, речиси непостоење, се потестува Агнеза. По сите подеми и падови, операции, вознемиреност, како и траумите за психата и за телото, во време на корона-пандемијата, се случило нешто од што срцето на Агнес сè уште „потскокнува“. - Преку Инстаграм, замислете, ме контактираше еден од кастинг-директорите на „Баленсијага“ и ме праша дали сум заинтересирана да бидам во шоу во Париз. Некој веројатно ме препорачал кај него. Беше огромно и убаво изненадување и бев многу, многу возбудена. Морав да му пратам слики - полароиди, тоа се фотографии без шминка и филтри - преден план, профил и цело тело, и видео од мене во одење. Исто така, мерењата - висина, струк, гради и колкови. Пропорцијата на телото е многу важна. После тоа, ми испратија мејл од „Баленсијага“ и рекоа дека се заинтересирани. Едно утро, на крајот на септември, добив уште еден мејл каде што ме прашуваат дали можам да дојдам во Париз истиот ден или ден потоа... Ден подоцна пристигнав и ме примија на кастингот за таа ревија, па за неколку месеци имав неколку договори со нив. Чувството беше неописливо!, вели Агнеза. Таа денес е дел од ревии за „Ив Сен Лоран“, „Прада“, „Шанел“, „Диор“... И, сѐ тоа ја прави среќна и исполнета личност.  си/

Остани поврзан