• понеделник, 23 декември 2024

Пред 104 години била погубена Мата Хари

Пред 104 години била погубена Мата Хари
Париз, 15 октомври 2021 (МИА) - Маргарет Гертруда Зеле, холандска егзотична танчерка и забавувачка, попозната како Мата Хари, била убиена на денешен ден, 15 октомври 1917 година, како германска шпионка во Првата светска војна. Родена во Леуварден на 7 август 1876 година мата хари пораснала во богато семејство и посетувала учителско училиште, но била протерана кога имала 16 години поради односи со оженетиот директор на училиштето. Маргарет станала егзотична танчерка во 1905 година во Париз и многу брзо го усвоила уметничкото име Мата Хари, што на малезиски јазик значи „око на денот“ - поетски назив за Сонцето. Таа била вешта во индиски танци и се појавувала речиси гола на сцената. Се верува дека таа, повеќе или помалку, е „пионерка“ во стриптизот како танц. Мата Хари имала врски со  индустријалци, благородници и други богати Европејци. За време на Првата светска војна, таа патувала во Франција, Холандија, Англија и Шпанија, па често била придружба на високи офицери. Во јануари 1917 година, една од тајните преписки на Германија ги спомнала услугите на шпионот Х-21. Француската тајна служба верувала дека Х-21 е всушност Мата Хари и таа е уапсена на 13 февруари во нејзината хотелска соба во Париз. Мата Хари била осудена како германски шпион и застрелана е на 15 октомври истата година, иако гласините дека била шпион никогаш не биле потврдени, а и околностите за нејзиното наводно признание, исто така, се нејасни. Таа имала 41 година. Како една од најзагадочните личности на 20. век, таа стана синоним за „убавата шпионка“ и стана инспирација за повеќе од 250 книги и бројни екранизации. Еден од најпознатите филмови е „Мата Хари“ од 1931 година, каде што ја глуми Грета Гарбо.  си/сд/

Остани поврзан