• вторник, 24 декември 2024

Пред Соборниот храм во Скопје 30-та традиционална прослава на Бадник

Пред Соборниот храм во Скопје 30-та традиционална прослава на Бадник
Скопје, 6 јануари 2022 (МИА) – Во организација на Одборот за традиционална прослава на Бадник во Скопје денеска по 30-ти пат на платото пред соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе се одржи манифестацијата Бадник 2022 со почитување на сите протоколи и мерки за заштита на здравјето на граѓаните и на бадникарите. Според најавите од организаторите, како и минатата година делењето бадникови гранчиња ќе се одвива на двата влеза во дворот на Храмот од страната на булеварите „Партизански одреди“ и  „Св. Климент Охридски“. -Веднаш по осветувањето на гранчињата, подигањето на Бадникарското знаме и исполнувањето на нашата химна нешто по 10 часот кумовите Драган Спасов – Дац и Александар Митевски и здравичарот Живко Поповски – Цветин заедно со претставници на Одборот ќе престојуваат во Домот за стари лица во Злокуќани при што ќе врачат пригодни подароци на штитениците за да им ја доловат атмосферата во пресрет на големиот христијански празник Божик и заедно со сограѓаните и персоналот да ги споделат радоста и среќата што ги носи претстојниот голем празник, велат организаторите. Посочуваат дека новите кумови и здравичарот по престојот во Злокуќани по 10:30 часот заедно со другите високи гости ќе се упатат кон Соборниот храм, каде претходно со пајтон ќе пристигнат стариот кум д-р Никола Пановски и минатогодишниот здравичар д-р  Миодраг Врчаковски. Потоа во присуство на поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и свештенослужители ќе се одвива чинот на предавањето на Бадникарскиот ќуп на новите кумови, по што ќе се обрати поглаварот на МПЦ и ќе се освети погачата. Целата церемноија директно ќе биде пренесувана на Првата програма на Македонското Радио. По завршувањето на церемонијата новите кумови со ќупот заедно со здравичарот со пајтон ќе го напуштат храмот „Свети Климент Охридски“ и ќе се упатат кон своите домови поздравени од скопјани. вј/лв/

Остани поврзан