• петок, 22 ноември 2024

Предлог-законот за учебници усогласен со препораките на ЕК, текстот утврден на владина седница

Предлог-законот за учебници усогласен со препораките на ЕК, текстот утврден на владина седница
Скопје, 27 април 2021 (МИА) - Владата денеска на седница го утврди текстот на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, во кој се опфатени и стратешките документи и препораки на Европската комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата.
Владината прес-служба соопшти дека при изготвување на новото законско решение се  земени предвид овие документи на ЕК кои во фокус го имаат развојот на дигиталните вештини на учениците, креирање и употреба на дигитални наставни материјали, развој на едукативни платформи, дигиталните вештини на наставниците и трансформација на училиштата во средини во кои се негуваат и развиваат дигиталните вештини и компетенции на учениците, со крајна цел поголема инклузивност и зголемување на квалитетот на образовниот процес.
- Имено, во септември 2020 година Европската комисија усвои две иницијативи чија цел е да  го зајакнат придонесот на образованието и обуката во закрепнување на ЕУ од кризата и да помогнат во градењето „зелена“ и дигитална Европа. Првата иницијатива е заживување Европска област за образование со шест димензии: квалитет, инклузија и родова еднаквост, зелени и дигитални транзиции, наставници, високо образование, посилна Европа во светот. Втората иницијатива е новиот Акциски план за дигитално образование (2021 – 2027) со иницијативи за висококвалитетно, инклузивно и достапно дигитално образование во Европа, информира прес-службата на Владата.
Планот предвидува акција и посилна соработка меѓу земјите членки на европско ниво, како и меѓу сите засегнати страни, со цел системите за образование и обука да се направат соодветни за дигиталното време.
-Здравствената криза го стави учењето од далечина во центарот на образовните практики.
Тоа ја истакна потребата од унапредување на дигиталното образование и негово третирање како клучна стратешка цел за висококвалитетно учење и учење во дигиталното време. Како што ќе се надминува фазата на вонредна состојба наметната од избувнувањето на пандемијата, така ќе расте потребата од развивање стратешки и долгорочен пристап кон дигиталното образование и обука. Спомнатите иницијативи ќе треба да понудат начини за подобрување на квалитетот, особено во однос на основните и дигиталните вештини,  да го направат училишното образование поинклузивно и родово чувствително и да ги подобрат постигањата на учениците, се наведува во соопштението.
Владата нагласува и дека Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование доаѓа од потребата од воведување целосно нов систем за изработка и одобрување на наставни средства и материјали, како резултат на консултациите со засегнатата и стручната јавност, наставниците, учениците, но и со родителите/старателите околу квалитетот на учебниците. хс/скс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан