Прв состанок на министрите за надворешни работи на Русија и Сирија по падот на Асад
- Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска се состана со сирискиот колега Асад ел Шибани, што е прва официјална посета на Москва на сириски функционер од новата влада по соборувањето на поранешниот претседател Башар ел Асад.
Москва, 31 јули 2025 (МИА) – Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска се состана со сирискиот колега Асад ел Шибани, што е прва официјална посета на Москва на сириски функционер од новата влада по соборувањето на поранешниот претседател Башар ел Асад.
На почетокот на состанокот во Москва, Лавров му рече на сирискиот министер дека руските власти искрено сакаат сирискиот народ, со кого имаат долгогодишно пријателство, „да ги надмине сите постоечки предизвици и целосно да ја нормализира ситуацијата“.
Ел Шибани изјави дека Сирија е заинтересирана за врски со Русија и оти земјата е на нејзина страна.
Обраќајќи им се на новинарите по разговорите, Лавров им се заблагодари на „сириските колеги за чекорите што ги преземаат за да ја осигурат безбедноста на руските граѓани и руските објекти“ во Сирија.
- Ја потврдивме нашата поддршка за зачувување на единството, територијалниот интегритет и независноста на Сириската Арапска Република и подготвени сме да му пружиме на сирискиот народ секаква можна помош во поствоената обнова. Се договоривме дека ќе го продолжиме нашиот дијалог за овие прашања, рече Лавров.
Ел Шибани ја повика Русија да го поддржи процесот на „транзициска правда“ и рече дека Сирија формирала одбор за преиспитување на постоечките договори со Русија. Тој го критикуваше „мешањето на Израел во внатрешните работи“ и рече дека тоа ги комплицира напорите за решавање на конфликтот меѓу различните заедници во Сирија.
- Многу земји сакаат стабилност и безбедност во Сирија, но постојат и оние кои сакаат слаба и поделена Сирија, кои сакаат да докажат дека владата не е во состојба да ги заштити малцинствата или дека постојат внатрешни проблеми, рече тој.
Тој додаде дека новата сириска влада од првиот ден е јасна дека нема непријателски намери кон Израел.
- Не претставуваме закана за Израел. Сирија само сака да се обнови. Уморни сме од војната во изминатите 14 години, додаде тој.
Поранешниот претседател Асад беше сојузник на Русија, која беше на негова страна во децениската граѓанска војна во Сирија. Меѓутоа, кога бунтовничките групи минатата година почнаа нова офанзива, Русија не интервенираше за да го спаси Асад. Асад по соборувањето се засолни во Русија.
И покрај тоа што беа на спротивни страни на фронтот за време на граѓанската војна, новите власти во Дамаск зазедоа прагматичен пристап кон односите со Москва. Руска делегација го посети Дамаск во јануари, а во февруари рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараше со привремениот сириски претседател Ахмад ел Шара, што Кремљ го опиша како „конструктивен и деловен“. јт/
Фото: МНР на Русија на Фејсбук, скриншот