• понеделник, 23 декември 2024

Прв официјален состанок на министерот за европски прашања Муртезани со евроамбасадорот Гир – Македонија останува посветена на евроатлантската агенда

Прв официјален состанок на министерот за европски прашања Муртезани со евроамбасадорот Гир – Македонија останува посветена на евроатлантската агенда

Скопје, 1 јули 2024 (МИА) – Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска го оствари првиот официјален состанок со амбасадорот на Европската унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, откако го презеде ресорот европски прашања.

Првата средба со евроамбасадорот, Муртезани ја оцени како успешна и рече дека го уверил во посветеноста на земјава во евроатланската агенда.

– Го уверив амбасадорот дека Македонија останува посветена на евроатлантската агенда, а тоа се потврдува со Програмата на Владата. Препораките и сугестиите на нашите стратешки пријатели ги слушаме со големо внимание, а доказ за тоа се брзите конкретни чекори на новата Влада во однос на усвојување на реформската агенда, рече Муртезани.

Тој информираше дека на првата владина конститутивна седница Владата ги задолжила сите министерства, заклучно со 4 јули да ги достават сите евентуални забелешки и препораки во однос на реформската агенда.

– На првата владина конститутивна седница Владата ја усвои информацијата подготвена од Министерството за европски прашања и ги задолжи сите министерства заклучно со 4 јули да ги достават сите евентуални забелешки и препораки во однос на реформската агенда. Откако ќе биде усвоена реформската агенда одобрена од сите 27 земји членки на ЕУ и е ратификувана во Собранието, Република Северна Македонија ќе добие пристап до 750 милиони евра претпристапна помош, рече Муртезани.

Вели доколку се земе предвид оптимистичкиот пристап на унгарското претседавање со ЕУ, тоа ги создава сите неопходни услови за пристап на Македонија кон ЕУ.

– Го поздравувам усвојувањето на Стратешката агенда 2024-2027 со приоритет за проширување бидејќи ова и тоа како ја враќа на мејнстрим политиката за проширување на ЕУ, а ако се ова се комбинира и со оптимистичкиот пристап на унгарското претседавање со ЕУ тоа ги создава сите неопходни услови за пристап на Македонија кон ЕУ, истакна Муртезани.

Очекуваме работите околу скринингот и по скринингот да продолжат. Како што знаете, првиот извештај веќе сме го добиле и формално, меѓутоа другиот извештај само неформално. 

Додаде дека го информирал евроамбасадорот Гир дека очекувањата на земјава се дека во блиска иднина ќе ги добие резултатите од скрининг репортите и за другите кластери, бидејќи како што рече, без разлика кога ќе се случат уставните измени земјава нема време за губење.

– Го информирав амбасадорот Гир дека нашите очекувања се дека во блиска иднина ќе ги добиеме и резултатите од скрининг репортите и за другите кластери. Без разлика кога ќе се случат уставните измени, ние немаме време за губење и чекање. Администрацијата мора да работи согласно препораките од извештаите од скрининг репортите. Тоа што имам како прва слика за степенот на искористеност на претпристапната помош ИПА зборува дека ќе треба да се зајакне координацијата и динамиката на институциите за да се зголеми апсорбционата моќ на фондовите. Исто така, еден голем предизвик ќе биде да се задржи кадарот во целата ИПА структура, рече Муртезани. ра/нд/

Фото: СЕП

 

Остани поврзан