• петок, 22 ноември 2024

Прв ден на тргување на Македонската берза на електрична енергија

Прв ден на тргување на Македонската берза на електрична енергија

Скопје, 10 мај 2023 (МИА) - Овој ден ќе го запаметиме по тоа што денеска во 10:35 часот за првпат се затвори портата за тргување на Македонската берза на електрична енергија, со што се означи почетокот на функционирањето на организираниот пазар, пазарот ден - однапред во нашата земја, порача управителот на Националниот оператор на пазарот  на електрична енергија - МЕМО, Симон Шутиноски на настанот со кој се означи офцијалниот почеток на работата не берзата.

- Ова значи дека денеска добивме референтни цени на македонскиот пазар на електрична енергија, кои се однесуваат на домашната побарувачка и понуда на електрична енергија. Денеска се случи безбедно и без никаков проблем тргување на електричната енергија на нашиот организиран пазар, рече Шутиноски.

Нагласи дека на првиот ден на тргување на Македонската берза учествувале 20 од вкупно 22-те компании кои склучија договор со МЕМО за учество на берзата на електрична енергија. Истргувани се околу 500 мегават часови електрична енергија или во просек околу 20 мегават часови во час со просечна цена од околу 7.125 денари која е приближна на цените во регионот и во Европа. 

-Патот на воспоставување на организираниот пазар на електрична енергија не беше лесен, напротив исполнет со препреки и предизвици. Овој процес започна со донесување на Законот за енергетика во 2018 година со кој беше транспониран третиот енергетски пакет од европското законодавство во домашното, и се создадоа услови за воспоставување на организиран пазар на електрична енергија. Следуваше период на истражување на пазарот, се работеа студии за институционална поставеност на организираниот пазар, пазарот ден-однапред, за во 2020 година Владата на предлог на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги да го назначи Националниот оператор на пазарот  на електрична енергија  - МЕМО за Номиниран оператор на пазар на електрична енергија, популарно кажано NEMO, низ процес согласно европската CACM регулатива, со што во тој момент Македонија беше прва земја од земјите од Западен Балкан, која го исполни овој услов од европското законодавство, рече Шутиноски. 

Потоа, додаде, следуваше процес на изнајмување на трговска платформа и платформа за клиринг и финансиско порамнување, при кој се склучи договор со нашите денешни партнери BSP South Pool – словенечката берза на електрична енергија и EPEX SPOT – европска берза на електрична енергија со седиште во Париз, која е една од најголемите берзи во Европа, застапена во повеќе од 15 западно-европски земји. 

-Во процесот на прилагодување на платформите и нивно тестирање, колегите од BSP и EPEX заедно со моите колеги од МЕМО демонстрираа високо ниво на професионалност што резултираше денес на 10 мај да имаме успешен ден, успешно тргување на македонската берза на електрична енергија. Со отпочнувањето со работа на берзата ќе поттикнеме ефикасна конкуренција во производството, трговијата и снабдувањето со електрична енергија, обезбедуваме оптимална употреба на инфраструктурата за пренос на електрична енергија, обезбедивме чесен, транспарентен и недискриминаторен третман на учесниците на пазарот ден - однапред, обезбедуваме и подобрување на транспарентноста и довербата во информациите, и почитување на потребата за чесен пазар на електрична енергија и чесно и пазарно формирање на цените за електрична енергија, посочи Шутиноски.

Нагласи дека Берзата на електрична енергија ќе поттикне зголемени инвестиции во производствени капацитети на електрична енергија од обновливи извори, со тоа што инвеститорите ќе имаат организиран пазар, каде ќе можат да ја продаваат произведената енергија. На трговците и снабдувачите на електрична енергија, па дури и на големите директни потрошувачи ќе им овозможи да ги оптимизираат своите портфолија и да го планираат своето работење.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој е во посета на САД, во писмо испратено до МЕМО по повод почетокот со работа на правата Македонска берза за тргување со електрична енергија истакна дека работата на оваа берза, значи сигурност за производството на струја, сигурност за  болниците, за училиштата, за сите институции, коишто набавуваат енергија на либерализираниот пазар  – односно стабилно снабдување со струја и можност за ефикасна набавка на достапни количини на струја.

-Денешниот ден е уште еден голем и значаен ден за економијата и за перспективите на граѓаните и на Република Северна Македонија. Стартува со работа првата македонска берза за тргување со електрична енергија. Снабдувачите на енергија за индустријата и институциите, како и трговците, повеќе нема да бараат енергија на странски пазари. Преку берзата за тргување со електрична енергија, на македонскиот пазар, ќе се побарува и добива електрична енергија. Снабдувачите ќе побараат и платат енергија денес и ќе ја добијат веднаш – утре, порача премиерот Ковачевски во писмото.

За компаниите и за инвеститорите, додаде, почетокот со работа на берзата значи можност за транспарентно и недискриминирачко тргување со електрична енергија. За државата и за граѓаните, значи можност за нови странски инвеститори, коишто ги мотивираме да инвестираат во обновливи извори на енергија во земјава. 

-Со отворањето на првата македонска берза за тргување со електрична енергија, отвораме можност и за поврзување со пазарите на струја од соседните земји. Зимата којашто е зад нас покажа што значи да се има домашни, стабилни и сигурни извори на енергија. Мојата визија е да ја направиме Северна Македонија модерна, целосно интегрирана земја во европскиот енергетски пазар. И Владата, преку МЕМО, веќе го направи клучниот чекор за поврзување со регионалните организирани пазари и со европскиот пазар, согласно паневропскиот модел, посочи Ковачевски.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во својот говор рече дека отворањето на берзата на електрична енергија не е крајната цел, туку е само еден од многуте чекори кои ги преземаме при создавањето на современ енергетски пазар во нашата земја. Сопствената берза на електрична енергија, како што кажа, ќе има значајно економско и енергетско влијание во регионот и е подготвена за регионално поврзување на пазарите на електрична енергија водејќи се од паневропскиот модел на пазар на електрична енергија

-Ова е историски момент за нашата земја, за нашата енергетика и за нашата економија. Со отпочнувањето со работа на берзата на електрична енергија нашата земја се придружува на еден високо конкурентен и динамичен европски пазар на електрична енергија, кој понатаму ќе ни овозможи поврзување на домашниот пазар на електрична енергија со пазарите од соседството и исполнување на нашите енергетски потреби на најефикасен начин. Берзата на електрична енергија ќе овозможи конкурентен пазар на кој транспарентно, недискриминирачки и ефикасно ќе се тргува со електричната енергија односно размена на понудата и побарувачката на електрична енергија во земјата. Со активно купување и продавање на електричната енергија на пазарот ден-однапред конечно ќе се добие референтна цена на електричната енергија на пазарот на големо во Северна Македонија, рече Битиќи.

Се надевам, посочи, дека Северна Македонија ќе ја искористи својата географска положба и добрата интерконекциска поврзаност со соседите за што е можно поскоро регионално поврзување со пазарите на електрична енергија од ЕУ и регионот на Западен Балкан, кое ќе донесе ликвидност на берзата на електрична енергија, поголеми текови на електрична енергија и конкурентна цена на електричната енергија на либерализираниот пазар.

-Оваа берза ќе овозможи поголема транспарентност, конкурентност и ефикасност при тргувањето со електрична енергија на пазарот на големо. Исто така, сите наши компании и нашите инвеститори добиваат можност за транспарентно и недискриминирачко тргување со електрична енергија, истакна Битиќи.

Изјави на вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, управителот на МЕМО, Симон Шутиноски и и претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, по официјалното отворање на Македонската

Со отпочнувањето со работа на берзата на електрична енергија, додаде, стануваме дел од европското семејство на организирани пазари на електрична енергија. 

-Нашата земја, преку МЕМО сега ќе се стреми да се поврзе со соседните организирани пазари согласно Пан-европскиот модел, и тоа е големо постигнување. Со ова, се отвораат многу нови можности за развој и просперитет на нашата земја и привлекување на нови инвеститори во производствени капацитети од обновливи извори на енергија како што се сонцето, ветерот итн. Сето ова придонесува за создавање на уште подобри улови за потенцијалните странски инвеститори во делот на производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, како и поголема стабилност на енергетскиот систем во државата. Исто така тргувањето на пазарот ден - однапред ќе овозможи оптимизација на своите портфолија кај производителите, и полесна адаптација на својата работа на големите потрошувачки капацитети на електрична енергија, прецизира Битиќи.

Заменик-амбасадорот на САД во земјава, Ерик Мејер во обраќањето пред присутните истакна дека берзата преку размена на електрична енергија ќе овозможи голем број бенефиции за Северна Македонија, ефикасно креирање на цените на електрична енергија, но и бенефиции за заинтересираните инвеститори.  

Нагласи дека берзата, особено поволно ќе влијае на секторот за обновливи извори на енергија и врз напорите на земјата за зголемување на количините на обновлива енергија, што ќе даде поттик за придвижување кон декарбонизирачката енергетска иднина.  

Мејер рече дека лансирањето на берзата исто така овозможува поттикнување на поголема енергетска интеграција во Европа во однос на дизајнирањето на пазарот на струја. Додаде дека се отвора можност за усогласување на сопствениот пазар со соседните пазари за струја и се помага во оптимизирање на ресурсите во регионот. 

-Ги охрабрувам сите трговци со струја во регионот, снабдувачи и оператори со обновливи извори на енергија активно да ја работат својата работа и да се вклучат во пазарот ден однапред, истакна Мејер. 

Тој додаде дека САД се горди поради партнерството со Владата на Северна Македонија и нагласи дека ова е дел од процесот за воспоставување на енергетски мост меѓу САД и ЕУ, кој ќе овозможи пристапна енергија за сите и зголемена енергетска безбедност и стабилност.  

-Заедно можеме да изградиме енергетска отпорност, да креираме можности за инвестиции и да ги зајакнеме врските со ЕУ. САД ќе продолжат да ја подржуваат Северна Македонија во нејзините натамошни чекори за интегрирање во паневропскиот пазар на електрична енергија, нагласи Мејер.  

Директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Артур Лорковски во видео обраќање истакна дека креирањето на конкурентен пазар за тргување со електрична енергија е една од целите на Европската комисија, но додаде дека, крајната цел е да има целосна интеграција и поврзување со останатите пазари на електрична енергија, односно да има еден единствен пазар на електрична енергија на ниво на Европската Унија.

-Уверен сум дека отворањето на денешниот пазар ден - однапред  во Северна Македонија ќе овозможи во иднина да може да се приклучиме на единствениот пазар ден - однапред и да имаме соодветно прекугранично поврзување. Воведувањето на пазарот ден - однапред ќе овозможи да се направи уште многу и ќе може да се повикаат потенцијални инвеститори, порача Лорковски. вј/ац/

Фото: МИА  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан