• понеделник, 25 ноември 2024

Првични резултати од претседателските избори во Црна Гора: Ѓукановиќ води пред Милатовиќ, трет е Мандиќ

Првични резултати од претседателските избори во Црна Гора: Ѓукановиќ води пред Милатовиќ, трет е Мандиќ

Подгорица, 19 март 2023 (МИА) - Според првичните резултати од денешните претседателски избори во Црна Гора, најголем број гласови освоил досегашниот шеф на државата и кандидат на ДПС Мило Ѓукановиќ 35,3 отсто. На второ место е кандидатот на Движењето Европа сега Јаков Милатовиќ со 29,1 отсто, а трет е кандидатот на Демократскиот фронт Андрија Мандиќ со 19,2 отсто.

Алекса Бечиќ од Демократска Црна Гора освоил 11,1 отсто, кандидатот на СДПА Драгиња Вуксановиќ Станковиќ 3,2 отсто, Горан Даниловиќ од Обединета Црна Гора има 1,3 отсто, а независниот кандидат Јован Радуловиќ 0,8 отсто.

Според црногорското изборно законодавство, за да биде избран во првиот круг некој од кандидатите треба да освои над 50 отсто од гласовите.

Доколку ниту еден кандидат не го добие потребниот број гласови, вториот круг од изборите ќе се одржи за 14 дена, односно на 2 април.

Во вториот круг учествуваат двајцата кандидати кои освоиле најголем број гласови.

Претседателот на државата се избира со мандат од пет години.

Право на глас на претседателските избори во Црна Гора имаат 542.154 граѓани. Државната изборна комисија соопшти дека одѕивот во првиот круг бил 64,06 отсто.
Изборниот ден, според оценката на ДИК на Црна Гора, поминал релативно мирно и во демократска атмосфера, без поголеми проблеми.

Изборите денеска ги следеа набљудувачи од мисијата на ОБСЕ, Советот на Европа и Европскиот парламент, како и набљудувачи од локалните невладини организации.паг/са/

 

 

 

Остани поврзан