• понеделник, 23 декември 2024

Првите мерки даваат резултат  за спас на штипски „Исар“

Првите мерки даваат резултат  за спас на штипски „Исар“

Штип, 22 јули 2023 (МИА) - Првите мерки за финансиски спас на штипското комунално претпријатие „Исар“ даваат резултати. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков за МИА вели дека само со парите кои ќе се заштедат од неисплата на прекувремени саати во ЈП Исар ќе има доволно пари за усогласување на платите на сите вработени. Посочува дека во тек се разговари со раководителите, кои на вработените им се нуди да заминат како технолошки вишок со цел да се намали бројот на вработени.

-Она што во моментот го правиме разговараме со синдикатот и со сите раководители на организациските единици во насока на понудување на технолошки вишок на лица кои би се јавиле, согласно оваа одлука за намалување на бројот на вработени, вели Зајков.

Посочува дека на овој начин ќе се подобрат процесите со зголемување на ефикасноста, а намалување на трошоците, кои ќе бидат заштедени ќе се искористат за сервисирање на долгот на ЈП „Исар“, како и за зголемување на платите на самите вработени.

-Само по основ на прекувремени саати јавното претпријатие ќе акомулира доволни средства кои ќе придонесат за да се направи услогласување на платата на сите вработени, вели Зајков.

Смета дека само со мерката за намалување на бројот на вработени во ЈП „Исар“ ќе бидат опфатени 30 лица и прво ќе се работи на проверка дали има потреба за продолжување на договорите на дело. Ако овие мерки не дадат резултат во тој случај анализа ќе се прави и на вработените на неопределено време.

-Во делот на вработените на определено време не станува збор за прекинување на договори за работен однос, туку по завршувањето на периодот за кога биле ангажирани работниците ќе се направи нова анализа, која е реалноста, дали ќе треба повторно да се ангажираат овие лица и на кој временски период. Овие мерки се однесуваат само на доброволна основа и на вработени кои се на определено време. Доколку мерките не го дадат резултатот кој го очекуваме, ќе се изготви сама функционална анализа на вработените на неопределено време, за да се има точно работни места, истакна Зајков.

Најголемото комунално претпријатие на истокот со години се соочува со финансиски проблеми, пред еден месец штипските советници изгласаа План и мерки за да се подобри работењето на претпријатието, кое се дави во долгови на име на кредити, но и камати кон банки и добавувачи. вдј/лв/

Фото: МИА

 

 

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан