• петок, 11 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Прва јавна дебата за именување на улици во Тетово, предложени стотина имиња, меѓу кои Џемо Хаса, Мефаил Шеху-Зајази, Балисти, Бали Комбетар

Прва јавна дебата за именување на улици во Тетово, предложени стотина имиња, меѓу кои Џемо Хаса, Мефаил Шеху-Зајази, Балисти, Бали Комбетар

Тетово, 4 април 2025 (МИА) – Во салата на Советот на Општина Тетово попладнево се одржа најавената јавна дебата со цел граѓаните да дадат предлози за имиња на улиците. Оваа активност следи откако Советот на Тетово формираше работна група за преименување улици кои веќе имаат определено име и именување на улици на кои името им е определено со бројка.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами се обрати на дебатата и ги посочи целите на работната група, без да даде конкретен предлог. Претходно, пред почетокот на дебатата за медиумите даде изјава во која оцени дека се работи за еден комплексен процес кој, според него, никогаш досега не бил преземен.

- Ние го почнавме, има повеќе од година дена. Не сме под притисок на времето, ќе продолжиме согласно законските рокови. Од моментот кога ќе се објават изборите, ќе се продолжи согласно законските одредби. Досега сме имале добра соработка со сите. Јас цело време стојам на ставот дека ова е интерес за сите граѓани на Тетово, а ако сакаме да работиме за европски град, европски град е и по тоа што сите граѓани во Тетово треба да имаат адреса со име на улица и со број на адреса, изјави Касами на новинарските прашања дали ќе се заврши процесот во предвидениот рок од шест месеци пред новите избори.

Во текот на јавната дебата се јавуваа граѓани за збор, при што некои од нив истакнуваа по еден предлог, а имаше и такви кои дава по десетина предлози за нови имиња на улици. Сите предложени имиња беа на Албанци.

Дел од граѓаните побараа во Тетово да има имиња на личности кои во државната историографија се евидентирани како луѓе кои делувале во профашистичките движења и активности како Џемо Хаса, Мефаил Шеху-Зајази, потоа називите од тој период Балисти, Бали Комбетар, како и политичкиот концепт за преуредување на границите на Балканот наречен Голема Албанија. Некои од граѓаните дадоа предлози – да се именуваат улици по луѓе кои ги загубиле животите во 2001 година на страната на Ослободителна Народна Армија (ОНА).

- Предлагам улица да се именува по Џемо Хаса, кој заедно со мојот дедо, дале придонес за Голема Албанија, истакна предлог една возрасна жена која рече дека е пензионирана професорка.

Неколкумина граѓани посочија дека имињата од југословенскиот период се штетни за сегашното општество и побараа смена на улиците кои ги носат имињата на Мурат Бафтијари, ЈНА, Браќа Миладинови, Иво Рибар Лола.

Елена Савеска, граѓански активист од Младински образовен форум, при обраќањето побара одговор зошто се менуваат имињата на улиците.

- Зошто има потреба да се меморијализираат имињата на минатото, зошто е тоа важно за иднината, за малку млади кои не заминале во странство и се иднината на овој град. Исклучително е важно имињата да бидат антифашистички и мировни, рече Елена Савеска.

Од работната група и посочија дека првите два јавни собири ќе бидат насочени кон тоа да се даваат предлози, а последните две, ќе се посветат на дебата околу имињата.

По завршувањето на дебатата, претседателот на Работната група Арѓенд Велиу, читаше имиња на стотина предлози кои стигнале по електронски пат или во Архивата на Општина Тетово во периодот од 10 февруари до 10 март 2025 година. Рече дека нема евидентирано вкупен број на предлози со имиња.

- Не можеме точно да кажеме бројка бидејќи сè уште сме во фаза на собирање на предлози и треба да завршиме со јавната дискусија. Следната недела планираме да имаме уште една јавна дискусија за собирање на други предлози и на крај на последните две седници од јавната дискусија ќе го имаме точниот број на доставени предлози. И за сите тие предлози ќе се дискутираа во јавната дискусија, рече Велиу.

На новинарското прашање дали како претседател е известен зошто не се присутни Македонците кои се дел на работната група, рече дека нема информација, но дека имаат мнозинство во групата за работа. ас/аа/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан