• понеделник, 23 декември 2024

Првата македонска поетеса Даница Ручигај на словенечки

Првата македонска поетеса Даница Ручигај на словенечки
Скопје, 26 октомври 2022 (МИА) - Во издание на Културно - уметничкото друштво „Police Dubove“ од Внање Горице крај Љубљана деновиве излезе книгата „Srebrne nočne igre in Ujetniki vetra“ („Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“) на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во македонската поезија и литература воопшто Даница Ручигај, која трагично го загуби својот живот во катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година. Иако зад себе остави само две стихозбирки, од кои првата „Сребрени ноќни игри” беше објавена во 1960 година, а втората „Заробеници на ветрот” постхумно, неколку месеци по нејзината смрт во 1963 година, Даница Ручигај, која многумина ја нарекуваат македонската Силвија Плат и амазонка на македонската поезија, остави неизбришливи траги не само во современата македонска литература, туку и во македонската култура воопшто. Зашто, таа со својот сензибилитет, некомформизам, творечка енергија и животна храброст, не помирувајќи се со патријархалните предрасуди и стереотипи за жената на овие простори, ја подотвори вратата низ која достоинствено и со дигнитет тргнаа модерните, самосвесни и еманципирани жени на македонската поезија. Во тоа време, крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години на минатиот век, преполно со табуа, нејзината појава и творечка енергија преточена во стихови, претставува вистинска авангарда. Книгата „Srebrne nočne igre in Ujetniki vetra“, која всушност е прв превод на целокупниот поетски опус на првата македонска поетеса нe само на словенечки јазик, туку и воопшто на кој било странски јазик, фактички е превод на книгата „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“ што ја приредија Свето Стаменов и Искра Чоловиќ во 2003 година, по повод 40-годишнината од смртта на Даница. Самиот наслов на книгата говори дека таа ги содржи нејзините две стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“, како и двете нејзини последни песни („Кругови“ и „Се враќам да ја затворам, вратата“) пронајдени во урнатините на нејзиниот дом на Водно. Поезијата на Даница на словенечки јазик, под стручното око на проф. д-р Намита Субиото, професорка по македонски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Љубљана, ја препеа младата словенечка јужнославистка, македонистка и културен антрополог Маја Ковач, која на Филозофскиот факултет во Љубљана во 2020 година го одбрани дипломскиот труд „Поетскиот опус на Даница Ручигај“, напишан на чист македонски јазик. Уредник на изданието е Татјана Јамник, а корицата на книгата, пак, е дело на познатата српска графичка дизајнерка Драгана Николиќ. Инаку, Културно - уметничкото друштво „Police Dubove“ од Внање Горице крај Љубљана објавува висококвалитетна преведена белетристика (особено од перото на словенските и други европски автори), но и изворни словенечки книжевни и воопшто хуманистички дела што го поттикнуваат читателот на размислување. Друштвото организира и културни настани во живо и онлајн − од класични книжевни вечери до хиерархиски разновидни средби со интердисциплинарни модели на интеракција меѓу читателите и авторите на книги (клубови за читање, работилници, семинари). Има свој едукативен портал „Samozaložba.si“ на кој се предаваат знаење и искуство од областа на книгата, но пред сѐ, е насочен кон промовирање на читателската култура и културата на зборување за книги.са/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан