• недела, 22 декември 2024

Пратеничката Зендели на состанок на Комисијата за еднаквост и недискриминација во Париз

Пратеничката Зендели на состанок на Комисијата за еднаквост и недискриминација во Париз

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Пратеничката Арта Биљали Зендели, член на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа, изминативе два дена (14 и 15 септември) во Париз учествува на состанокот на Комисијата за еднаквост и недискриминација.

Оваа Комисија се стреми да промовира еднакви можности и е посветена на борбата против дискриминацијата од секаков вид.

Како што соопшти Собранието, дневниот ред на состанокот опфаќа дебати и усвојување на нацрт - извештаи за повеќе теми и тоа: спречување и борба против насилството врз жените со попреченост, институционален расизам на органите за спроведување на законот против Ромите и патувачите, надминување на дискриминацијата врз постарите лица, како и состојбата на жените во економијата: вработувањето, претприемништвото и родовото буџетирање.

Членовите на Комисијата го разгледуваат и годишниот извештај на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата за 2022 година во однос на нетолеранцијата во Европа, а се одржува и заедничка расправа со парламентарната мрежа „Жени ослободени од насилство“ за родовото насилство – прашање на согласност. Усвоените нацрт извештаи ќе бидат гласани на следните пленарни седници на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

На почетокот на седницата на Комисијата свое обраќање имаше претседателот на Организацијата, Тини Кокс, кој ја нагласи важноста на работата на ова работно тело, која резултира во голем напредок постигнат во последната декада во законодавството во земјите членки со цел унапредување на еднаквоста и недискриминацијата.

На состанокот на Комисијата се разгледува и програмата за работа, во која е вклучен извештајот за „Глобалните правила за елиминирање на сите форми на религиозно угнетување“ што во име на Комисијата, го подготвува известителот Арта Билали Зендели. На посебен состанок со секретаријатот на Комисијата беше утврдена динамиката на изготвување на текстот, како и сите престојни активности и аспекти кои би биле опфатени. Предвидено е воведна информација за темата Биљали Зендели да презентира пред членовите на Комисијата за еднаквост и недискриминација веќе на октомвриската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, посочуваат од Собранието. ев/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан