• недела, 22 декември 2024

Пратеничката Даути повторно не дозволи законот за бранители да биде ставен на дневен ред на Комисијата за социјална политика

Пратеничката Даути повторно не дозволи законот за бранители да биде ставен на дневен ред на Комисијата за социјална политика

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) - Во Собранието повторно не се одржа седницата на Комисијата за социјална политика, демографија и млади откако претседателката Илире Даути, повикувајќи се на член од Деловникот, одби да го стави на гласање предлогот на Јованка Тренчевска од СДСМ како прва точка на дневен ред да бидат измените на законот за бранители. 

Даути, која е пратеничка од АА дел од Европскиот фронт, повикувајќи се на член 176 од Деловникот на Собранието повтори дека времето за ставање на дневен ред на Комисијата на овој закон, кој ја мина потребата за донесување на пленарна седница, е поминато. 

-Нема ниту еден член во Деловникот којшто мене ме обврзува една ваква точка да додадам во дневниот ред, рече Даути. 

Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска ја обвини Даути дека неколку пати злоупотребувајќи ја својата позиција влегува и во расправа за суштината на законот и со тоа повторно прави прекршување и на Деловникот и на Уставот ставајќи ги сите пратеници на Комисијата во нерамноправна положба. 

-Околу процедурата кога ги цитирате членовите според кои кажувате дека рокот поминал, има еден член од Деловникот кој кажува дека кога еден пратеник ќе достави предлог за дополнување на дневниот ред без расправа, согласно членот 83 од Деловникот вие сте должна да го ставите тоа на изјаснување односно на гласање, рече Петровска.

Пратеничката на СДСМ истакна дека овој закон не е ништо од она што тие се обидуваат да го претстават за кревање на тензии итн. - Ова не е нов закон. Само доуредува право кое Собранието на оваа држава во еден друг собраниски состав во 2002 година го донела овој закон. За какви се тоа нови прашања вие обвинувате дека ние отвораме и сакаме да создаваме некоја тензија. Замолувам пред да се даваат изјави за тензии и незадоволства, внимателно да се прочитаат правните акти кои се во сила. Овие права кои само се доуредуваат со предлог законот се веќе во сила, но не се доуредени за еден дел од семејствата на припадниците на безбедносните сили. Следствено на тоа и во самиот закон кој е веќе во сила таа категорија на граѓани за кои вие се залагате да се решат во овој закон, во суштина се означени како посебна категорија односно како некои кои се бореле против државата, рече Петровска.        

-Ваков закон во форма како што вие сте предложиле, запишете некаде за да запамтите, преку мене нема да помине. Дали разбирате? Не поминува, рече Даути, додавајќи дека ако еднаш е направен пропуст во законот што претходно е донесен не значи дека треба да се продолжи и со други пропусти.

Според неа, законот треба да се повлече и во него да се стават и припадниците на ОНА.

-Ве молам да имаме почит за тие луже кои паднале, да не му ги задираме коските таму каде што паднале, рече таа барајќи еднаков третман за сите. Колку и да инсистирате, додаде таа, јас ќе го повторам истиот став. Обвини дека ова се прави за да се задира во емоциите на луѓето од надвор.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ побара од Даути да го стави предлогот на гласање и да престане со зборување, на што таа и врати дека правилата на Комисијата ги кажуваа таа. Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ и се обрати на Даути забележувајќи и за нејзиниот однос кон другите пратеници. 

Седницата беше прекината и не се знае кога таа повторно ќе биде свикана.

На предложениот дневен ред на оваа Комисија беше предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, во прво читање. ев/aa/

ФОТО: Принтскрин

 

Остани поврзан