• вторник, 05 ноември 2024

Пратениците од ЛДП, ДС и ДОМ со барање до Пендаровски да не го потпишува законот за правен статус на бесправно изградените објекти

Пратениците од ЛДП, ДС и ДОМ со барање до Пендаровски да не го потпишува законот за правен статус на бесправно изградените објекти

Скопје, 12 мај 2021

Пратениците Моника Зајкова и Боби Мојсоски од ЛДП, Павле Трајанов од ДС, Маја Морачанин и Мирослав Богдановски од ДОМ,  бараат од претседателот на државата да не се потпише указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

- Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти е нешто што не смее ни да се размислува во една правна држава во која владеат демократските принципи. Ваквиот закон не е ништо друго освен закон за амнестија, бидејќи градењето надвор од законски предвидената постапка, без соодветно одобрение претставува кривично дело, велат тие во писмото испратено до претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски. 

Тие појаснуваат дека досегашниот закон се однесуваше за сите бесправно изградени објекти изградени до 2011 година, а предмет на уредување на новиот закон е легализација на сите останати, од 2011 година се до ден денес. 

- Дали ние, како држава треба да стимулираме криминал, преку дозволување на вакво незаконско градење и да ги ставиме во подредена и дискриминирачка позиција сите одговорни граѓани на оваа држава, кои за да градат ги поминале сите предвидени постапки од ДУП за прибавување на одобрение за градба за кои неспорно е дека бараат многу време и финансиски средства? Со донесување на овој закон, се испраќа порака до граѓаните дека може да градат без да поседуваат градежна дозвола, да узурпираат државно земјиште и дека подоцна ќе им биде овозможено да ги легализираат своите дивоградби, се вели во писмото. 

Според пратениците ваквото законско решение е во целосна спротивност со урбанистичките планови и  другите прописи кои ја регулираат оваа материја.

- Доколку има можност нелегално да се гради, тогаш која е целта од носење на просторни планови, генерални и детални урбанистички планови.

Мора да ставиме крај на бесправното градење. За таа цел, Ви предлагаме Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти да не го потпишувате и да го вратите на повторно разгледување и доработка, се со цел да се отвори поширока јавна расправа и да се корегираат некои решенија кои се спротивни и на Уставот и на други постојни закони, велат тие.

Либерално демократска партија ______________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан