• вторник, 26 ноември 2024

По утврдувањето дека има „тешка деменција“, Рон Џереми излегува од затвор

По утврдувањето дека има „тешка деменција“, Рон Џереми излегува од затвор

Лос Анџелес, 1 декември 2023 (МИА) - Поранешната ѕвезда од филмовите за возрасни и обвинет за повеќекратно силување, Рон Џереми ќе биде ослободен од затвор во приватно престојувалиште во Лос Анџелес, откако судијата во Врховниот суд на Округот Лос Анџелес, Роберт Харисон вчера го одби барањето на Обвинителството - тој да не биде ослободен.

Роналд Џереми Хајат (70) е во притвор поради обвиненија за сексуални злосторства, но судските власти во јануари одлучија дека порноглумецот е неспособен да го следи судењето бидејќи има тешка деменција. Потоа, минатата недела Судот го одобри барањето на згрижувачот на Џереми - тој да биде преместен во приватен дом поради неговата влошена здравствена состојба. Тужителките во меѓувреме побараа од Судот да ја преиспита одлуката.

Судијата Харисон одби да ја промени таа одлука.

Познатата адвокатка за правата на жените, Глорија Олред нагласи дека можните дополнителни жалби и истраги може да траат со години, а и сега преживеаните жртви нема да знаат точно каде е тој -што е отежнителна околност.

- Нема да знаеме каде е тоа приватно престојувалиште и дали тој ќе биде затворен во тоа приватно престојувалиште... Нема услов тоа да биде престојувалиште каде што тој ќе биде под клуч, изјави Олред.

Џереми беше оптужен за четири точки од првичното обвинение, но повеќе жени се појавија со свои обвинувања по неговото апсење. Така случајот се искачи на 34 точки од обвинението за силување, присилна орална пенетрација и сексуална повреда во коишто се вклучени 23 жени.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан