• сабота, 23 ноември 2024

По повод Курбан Бајрам, во 14 општини распределени хуманитарни пакети чиј дарител е иселеникот Шемши

По повод Курбан Бајрам, во 14 општини распределени хуманитарни пакети чиј дарител е иселеникот Шемши
Дебар, 7 јули 2022 (МИА) - По повод претстојниот голем исламски празник Курбан Бајрам, распределени се 1.500 хуманитарни пакети со прехранбени производи во 14 општини во државава. Секоја од општините доби по 100 пакети, освен Кисела Вода која доби 200 пакети и истите се наменети за семејства во социјален ризик. -Ова е последователна хуманитарна помош на фирмата „Стар систем“ (StarSystem), италијанска фирма чиј сопственик е познатиот бизнисмен по потекло од Македонија,  Минир Шемши, кој живее и работи повеќе од 30 години во Италија. Донацијата е по повод празникот Курбан Бајрам, но, сакам да напоменам дека таа не е само за семејствата од муслиманска вероисповест, тука за семејства кои имаат потреба, изјави за МИА, Драгче Цветковски задолжен за распределба на помошта. Додава дека се опфатени општините Битола, Охрид, Ресен, Струга, Тетово, Гостивар, Центар Жупа, Дебар, Маврово и Ростуше, Теарце како и скопските општини Ѓорче Петров, Кисела вода, Гази баба и Бутел. -По контактите со градоначалниците на споменатите општини, кои ја прифатија помошта, ја презедоа нивни претставници, затоа што тие наjдобро ја знаат состојбата во општините, односно кои семејства имаат потреба, посочува Цветковски. Шемши, потекнува од селото Коџаџик, општина Центар Жупа и е познат како голем филантроп. -Не ми дозволува душата  да го одбележам празникот со моето семејство, а да не ги израдувам барем малку овие семејства и да ја вратам насмевката на нивните лица. Ова  е најмалку што можам да направам за моите сограѓани во родната Македонија. Се предводам од мотото дека никогаш не треба да се заборави од каде потекнуваш, независно од тоа колку си постигнал во животот, рече Шемши за МИА. Тој неодамна ја формира македонско- италијанската асоцијација АПИ НОРДЕСТ, по чија иницијатива на почетокот на минатиот месец, за првпат беше одржан бизнис форум во Тревизо и Венеција. На форумот  учествуваше и македонска владина делегација, предводена од вицепремиерот Фатмир Битиќи, претставници на стопанските комори, како и претприемачи  и градоначалници од двете земји. вт/сст/        

Остани поврзан