• понеделник, 23 декември 2024

Анализа: По влезот на АА во Владата, можно реструктуирање кај партиите на Албанците

Анализа: По влезот на АА во Владата, можно реструктуирање кај партиите на Албанците
Скопје, 1 март 2023 (МИА) - Демократската Унија на Албанците (ДУИ) има најголем бенефит од влезот на Алијансата на Албанците (АА) во Владата и излегувањето од владејачката коалиција на Алтернатива. Во наредниот период може да се очекува реструктурирање на политичката сцена кај етничките Албанци и поделба на партии од власта и од опозиција, што очекувано треба да се додефинира во следните месеци, имајќи предид дека 2024. е изборна година, сметаат аналитичари. 
 
 
Аналитичарот и истражувачки новинар Џелал Незири во изјава за МИА вели дека влезот на АА во Владата ја неутрализираше моќта на помалите партнери во коалицијата, но и на „Огнената Група“ како фракција која се уште функционира во рамките на ДУИ.

-Во наредниот период се очекува реструктуирање на политичката сцена кај етничките Албанци, при што се очекува да се создадат две коалиции на партии: едната ќе ја сочинуваат партиите кои се дел од власта, додека втората - тие во опозиција. Засега само БЕСА и Алтернатива се во опозиција, но ако „Огнената група“ одлучи да се отцепи од ДУИ или пак биде исклучена од партијата, тогаш овие три политички ентитети ќе се обидат да се здружат во една опозициска коалиција, која идеолошки би праѓала кон десниот центар, вели во изјава за МИА Незири. 

Негови очекувања се дека на престојните парламентарни избори, редовни во 2024, ќе имаме идеолошки предизборни коалиции, кои ќе и дадат на демократијата квалитет и дополнителна вредност. 

Професорката Бојана Наумовска од Институтот за социолошки и политичко - правни истражувања во изјавата за МИА потенцира дека иако сите други партии на Албанците во Македонија го градеа својот идентитет делумно во нападот на ДУИ, ДУИ успеа сите да ги внесе на кратко и да ги изнесе од Владата, односно да ги направи „соучесници во процесите“.

-Ова е мое лично гледање на состојбите. Единствен бенефит од сите овие процеси гледам само дека ќе има ДУИ, особено што никој од другите функционери не успеа да излезе од етничката матрица, вели проф. Наумовска.

Според неа, „Огнената група“ можно е да делува во две насоки. - Едната е подобро позиционирање на „огнените“ во случај на заминување од политиката на Али Ахмети, а другата е одвојување од матичната партија со цел задржување на незадоволните гласачи, посочува таа.

Потсетува дека Северна Македонија има искуство на создавање партија од партија со цел задржување на гласачите во тие кругови.

-Позитивното во овој процес е што ликовите и се познати на јавноста заедно со нивните капацитети за управување на институции и процеси, односно граѓаните ќе знаат за кого гласаат без разлика на името на партијата, посочува проф. Наумовска.

За жал, додава таа, севкупно гледано, етничката и партиската припадност и понатаму почесто ќе биде услов за вработување и напредување, отколку компетентноста и способноста, а токму ваквите политики не доведоа до дното.

Постабилно мнозинство за постабилна Влада, но без очекувања за подобрување

По две недели дебата во Собранието, од вчера своите функции ги презедоа министрите од АА за правда Кренар Лога, за здравство Фатмир Меџити, за информатичко општество и администрација Азир Алиу и од СДСМ за животна средина Каја Шукова. 

Незири смета дека Владата на премиерот Димитар Ковачевски и новото владејачко мнозинство со осумтемина пратеници на АА ќе биде постабилна и нејзините проекти нема да чекаат долго на усвојување во Собранието. Сепак, не се очекува подобрување на работата на Владата. Според професорката Наумовска, пак, оваа промена во Владата ќе значи само формалност, и доколку би се мереле постигнувањата поединечно, како услов за останување во Владата, ќе требаше да имаме предлог за нова Влада.

Аналитичарот Незири посочува дека не очекува значителни разлики во поглед на подобрување на перформансите на новата Влада, но смета дека таа ќе биде постабилна.

 
-Оваа стабилност може да придонесе кон поголема ефикасност на Владата од причина што нејзините проекти нема да чекаат многу за усвојување на Собранието. Досега Собранието беше скоро целосно нефункционално, без доволен капацитет да создаде кворум и без стабилни бројки за усвојување реформски закони. Во една ваква ситуација, каде парламентарното мнозинство е тенко и парцијализирано во различни партии и групи на интерес, Владата секогаш висеше а предвремените парламентарни избори секогаш беа опција. Оваа придонесуваше и Владата и Собранието да функционираат во постојана криза, без потребната предвидливост на настаните за подобро да се планираат проектите, вели Незири. 
 
Сега, вели тој, со пратениците на АА парламентарното мнозинство ќе биде стабилно, отпорно на условувања од помали партии или групи на интерес, што создава услови за Владата да ги испорача очекуваните резултати во поглед на подобрување на животниот стандард, реализирање на капитални инвестиции, финиширање на инфраструктурни проекти и заокружување на реформите во неколку области. 
 
 
Професорката Наумовска, пак, смета дека ќе има промена во Владата на Ковачевски, но, за жал, само формална.
 
-Наместо лицето АА, сега на позицијата министер/директор ќе биде лицето ББ. Кога би се мереле постигнувањата поединечно, како услов за останување во Владата, ќе требаше да имаме предлог за нова Влада. За жал после сите овие години водење на државата доминантно од ДУИ и СДСМ можеме да констатираме дека или станува збор за водење на институциите од некапацитетни кадри за тие позиции или за целосен фокус кон личните и партиски интереси, истакнува професорката Наумовска. 

Според неа, терминот „правна држава“ останува само да го читаме во учебниците и ова е причината за големиот број на иселувања на цели семејства со солиден квалитет на живот, немаме концепт за развојот на образование за што показател се бројот на одлив на студенти и резултатите од разни тестирања, потоа науката која треба да биде стожер во развојот на општеството добива реален буџет од 0 отсто, воопшто се нема чувство за загрозените категории на граѓани, економијата и приватниот сектор стагнира, а секторот култура генерално не финансира култура.

-Од која страна и да го погледнеме нашето општество, чувството дека потребите на граѓаните се во фокусот на Владата изостанува.... и ова е генералниот впечаток. Позитивни промени во некои сегменти секако дека има (како на пример во високото образование и науката конечно постигнавме исплатата на минатиот труд и комуналиите да бидат покриени од државата), но не се доволни, вели проф. Наумовска.

Во однос на фукцонирање на политичките партии и изборниот систем, проф. Наумовска вели дека е потребна промена на изборната регулатива што ќе значи простор за сите. 

-Гледано на владите и начинот на управувањето, генерално, од аспект на мојата стручност, дополнително ја наметнува потребата од промена на изборната регулатива што ќе значи простор за сите. Во таков случај партиите кои дошле на власт со концепт „Едно општеството за сите“, ќе знаат дека ќе бидат казнети доколку државата ја претворат во „Општество за едни“. Моменталниот модел со Шест изборни единици им дава комодитет на поголемите партии, кој никогаш не е конструктивно искористен. Затоа мешовитиот модел со пропорционален предзнак никогаш нема да биде дозволено да биде ставен на маса, а како што гледаме нити минималната промена кон една изборна единица не е реалност иако беше дел од предизборната програма на СДСМ и нивно ветување кон помалите партнери, потенцира професорката Наумовска.

Елизабета Вељановска Најдеска 

фото: МИА архива/Приватна архива

 
 

Остани поврзан