• понеделник, 23 декември 2024

Почнува третото издание на Скопскиот градски фестивал

Почнува третото издание на Скопскиот градски фестивал
Скопје, 6 мај 2022 (МИА) - На неколку локации во Скопје денеска и утре ќе се одржи третото издание на Скопскиот градски фестивал, кој е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје. Фестивалот денеска ќе се одржува во МКЦ, а утре во Филхармонија. Концертите ќе започнат во 20 часот. - Исто како и минатите две години, и ова трето издание на Скопски градски фестивал донесува возбудливо музичко искуство кое ќе ни го овозможат најдобрите балкански и европски музичари, истакнуваат организаторите на фестивалот. На првиот ден на фестивалот во МКЦ ќе настапи Мухамед Ибрахими -  македонски музичар, гитарист со уникатен стил. Неговата музика е фузија на рок, блуз и амбиент, со корени од балканскиот и ориенталниот фолклор. „Code 369“ е македонски рок состав од врвни музичари, со долгогодишно искуство. Тие ќе го промовираат материјалот од новиот албум „Стадиуми на љубовта“ (Stages of Love), а ќе настапи и „Texas Flood“ кој балкански и европски R’n’B бенд од Белград, предводен од Ненад Златановиќ (Mr. Swagger), легенда на блуз сцената. Влезот во МКЦ е слободен. Утре, во големата сала во Филхармонија ќе настапи Матија Дедиќ – еден од водечките европски пиjанисти, композитор и син на Арсен Дедиќ и Габи Новак. Матија има настапувано со познати музички имиња и има издадено десет албуми. Настап ќе има и квартетот „Heller / Sasse / Gjakonovski / Kostadinovic“ кој е составен од џез музичари кои за првпат ќе настапат заедно. Билетите за настапите во Филхармонија чинат 500 денари и може да се набават преку www.bileti.mk. фф/бак/

Остани поврзан