• петок, 22 ноември 2024

Почнува сместувањето во Државниот студентски дом во Штип

Почнува сместувањето во Државниот студентски дом во Штип

Штип, 7 септември 2023 (МИА) - Интересот за Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ во Штип е поголем за околу 100 места од расположливиот капацитет. При последните уписи престојот е одобрен за речиси 50 студенти кои се во погорните години од своето студирање.

Директорот na Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“, Јордан Насев вели дека дополнително, треба да се примат и бруцошите, а има и повеќе приговори од студенти кои сакале да бидат сместени во Државниот студентски дом, а на листите на Министерството за образование и наука биле примени во приватните студентски домови во Штип.

- Ние имаме во „Браќа Миладиновци“ запишано 46 студенти, тоа се од втора студиска година, додека од бруцошите, за коишто огласот е во тек од 1 септември и трае до 15 септември, очекуваме уште 46 места. Дополнително, треба да кажеме дека имаме најавено околу четириесетина приговори, којшто се однесуваат на студенти коишто аплицирале во овој Студентски дом, меѓутоа на листите за примање се најдени во други студентски домови во општина Штип, тоа се „Логос“ и „Хилјадников“. Очекуваме во наредните 8 – 10 дена Комисијата да се изјасни каде ќе бидат сместени овие студенти, вели Насев.

Посочува дека на листата на чекање се и нешто помалку од 100 средношколци. За да се сместат дел од нив ќе мора да се почека до целосното сместување на студентите. Сепак, повеќето апликации ќе мора да бидат одбиени од причина што нив ги има повеќе од 300, а расположливиот капацитет на Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ е 236 места.

- Во моментов имаме згрижено 135 средношколци, во оваа квота влегуваат и учениците од Спортската гимназија, коишто влегуваат со приоритет. Имаме дополнително околу 80 деца коишто се наоѓаат на листа на чекање. Во зависност од тоа колку студенти ќе вселиме, останатите ќе ги дополниме со ученици од средните училишта, додава Насев.

Тој вели дека сместувањето започнува од денес и ќе биде во рок од следните 10 дена. Државниот студентски дом во Штип, вели Насев, е отворен за студентите, собите се подготвени и реновирани, а извршени се и дезинсекција и дезинфекција.вдј/цр

 Фото:МИА

Остани поврзан