Посебен сообраќаен режим на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово поради реконструкција
- Од денеска почнува реконструкцијата на водоводната мрежа на дел од улицата „Моша Пијаде“, за што е е воведен посебен сообраќаен режим во центарот на градот, што ќе важи сè додека не се завршат активностите на терен. Со ова почнува реконструкцијата на оваа витална улица од централното градско подрачје којашто не е реконструирана шеесет години.

Куманово, 14 мај 2025 (МИА) - Од денеска почнува реконструкцијата на водоводната мрежа на дел од улицата „Моша Пијаде“, за што е е воведен посебен сообраќаен режим во центарот на градот, што ќе важи сè додека не се завршат активностите на терен. Со ова почнува реконструкцијата на оваа витална улица од централното градско подрачје којашто не е реконструирана шеесет години.
Граѓаните имаат можност да достават забелешки, идеи, предлози во однос на реконструкција на улицата долга речиси 1,5 километри. Средствата за реконструкција се обезбедени преку Светска банка, а дел ќе финансира и Општина Куманово.
За потребите на проектот за поврзување на локални патишта што е финансиран со средства од Светска банка, Општина Куманово аплицираше со потпроект за што е подготвена контролна листа на план за управување со животна средина и социјални аспекти, согласно стандардите за животна средина и социјални аспекти на Светска банка 1-10, информираа од Општината.
Општината претходно организираше две јавни дебати и презентации на проектот.
- Проектот ќе вклучува реконструкција на фекална и водоводна мрежа на дел од улицата од почетокот сè до крстосницата со „Пиринска Македонија“ околу 490 метри. Средствата за уредување на подземната инфраструктура се обезбедени од буџетот на Општина Куманово, за атмосферска канализација што ќе се спроведува во два дела - изградба и реконструкција на постоечката долж целата улица, 1.400 метри. Овие средствата се обезбедени од Светска банка, како и за реконструкцијата на асфалтот низ целата улица од почетокот до крај, подземна канализација за електрична мрежа и инсталација за оператори од национално и локално ниво. По завршување на проектот, веќе нема да има кабли по бандерите. Предвидено е и осветлување со штедливи светилки, ќе се уредуваат крошните и корените од дрвјата. Предвидено е уредување на паркинг - места и пешачка зона, поставување на седум сета полуподземни контејнери, информираа од Одделението за меѓународна соработка и евроинтеграции.
При изработката на техничката документација биле вклучени скоро сите јавни претпријатија од Куманово, оператори и други фирми. Тендерот го објави Министерството за транспорт и врски, а краен корисник е Општината. ам/бд/
Фото: МИА