• четврток, 04 декември 2025

Почнува Меѓународниот саем во Солун

Почнува Меѓународниот саем во Солун

Атина, 6 септември 2025 (МИА) – Со говор на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вечерва свечено ќе биде отворен 89-от Меѓународен саем во Солун што ќе трае до 14 септември, а ќе земат учество над 1.100 изложувачи и меѓународни бизнис делегации меѓу кои и од нашата земја, јави дописничката на МИА од Атина.

Меѓународниот саем во Солун се одржува традиционално секоја година во септември и е домаќин на странски изложувачи, учество на земји од целиот свет, странски и домашни политичари и слично, а премиерот на Грција, во говорот на отворањето ја соопштува владината програма за следниот период.

Во фокусот на Саемот оваа година ќе биде и „Грција и претприемништво“, посветено на потенцијалот на грчките бизниси преку учество на комори и стотици мали и средни компании од целата земја.

Вкупно 44 комори, организирани од Централниот сојуз на комори на Грција, со 351 бизниси ќе презентираат производи и услуги, а Трговската комора во Солун учествува со 51 од своите бизниси-членки.

- Во бизнис делот, закажаните B2B средби меѓу грчки и меѓународни изложувачи и трговски посетители на Саемот ќе се одржат од 7 до 10 септември на горниот кат од павилјонот 15, со 150 учесници од Чешка, Унгарија, Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Холандија и Грција, а веќе се закажани вкупно 400 средби, соопштија организаторите.

Дополнително, освен економијата во фокусот ќе бидат и технологијата и иновацијата, културата, образованието итн.

Паралелно со отворањето и говорот на премиерот, како и секоја година, така и сега, најголемите грчки синдикати закажаа протести против владината политика.

Утре напладне, грчкиот премиер ќе ја одржи традиционалната прес-конференција.

Меѓународниот саем ќе трае до 14 септември, во текот на следната седмица прес конференции ќе одржат лидерите на опозициските партии, а следниот викенд прес-конференција ќе има претседателот на главната опозиција ПАСОК Никос Андрулакис. ср/

Остани поврзан