• понеделник, 23 декември 2024

Почнуваат процедурите за избор на нов лидер на СИРИЗА – Каселакис вели дека се чувствува ослободено

Почнуваат процедурите за избор на нов лидер на СИРИЗА – Каселакис вели дека се чувствува ослободено

Атина, 8 септември 2024 (МИА) – За помалку од една година, грчката опозициска партија СИРИЗА одново ќе одбира претседател, откако денеска, Централниот комитет го изгласа предлогот за недоверба на лидерот Стефанос Каселакис, по што започнуваа процедурите за новите внатрепартиски избори, додека пак самиот Каселакис коментираше дека е ослободен, јави дописничката на МИА од Атина.

Членовите на Централниот комитет на СИРИЗА со 163 гласа „за“ и 120 „против“ го усвои предлогот за гласање недоверба на лидерот Каселакис, со што опозициската партија останува без претседател.

Следниот викенд во Солун на маргините на Меѓународниот саем, традиционално како и секоја година, непосредно пред затворањето, говор и прес-конференција одржува лидерот на главната опозициска партија и иако веќе беше најавен Каселакис, сепак Централниот комитет одлучил СИРИЗА да ја претставува претседателот на пратеничката група Никос Папас.

Каселакис, откако беа соопштени резултатите од гласањето посочи дека е ослободен, бидејќи како што рече сите граѓани ја виделе недовербата со која живеел уште од првиот ден кога беше избран.

-Случај без преседан во политичката историја на државата е партиската бирократија да не го прифаќа, уште од прв ден, гласањето на сопартијците. Така поминав една цела година. Сега знаете сè. Стигнавме до точка каде што бирократијата, номенклатурата на партијата и различните фракции користат практики кои не ѝ припаѓаат на левицата, рече Каселакис заминувајќи од состанокот на Централниот комитет.

Додаде дека неговите одлуки ќе ги соопшти пред членовите на СИРИЗА.

Предлотот за гласање недоверба на лидерот беше доставен вчера од партиската фракција, т.н. „Група 87“, а за да се усвои предлогот беа потребни 148 позитивни гласа од вкупно 300 членови на Централниот комитет.

Како што пишуваат грчките медиуми, статутот на партијата предвидува, во случај Централниот комитет да му изгласа недоверба на лидерот со 50 отсто плус еден глас, тогаш се свикува вонреден конгрес, во рок од најмногу три месеци.

Според истите информации, во следните два дена се очекува да заседава Политичкиот секретаријат на партијата и да донесе одлука за нов состанок на Централниот комитет за 15 дена. Потоа Централниот комитет ќе одлучува за датумите за вонредниот конгрес на кој ќе бидат објавени кандидатурите за избор на нов претседател на партијата, како и датумот на одржување на изборите. 

Во однос на можните кандидати за лидер на партијата, поранешниот министер Павлос Полакис, кој неодамна беше избришан од СИРИЗА, па повторно вклучен, јавно ја изрази својата намера да биде кандидат, а отворена е можноста да се кандидираат и европратеникот Никос Фарандурис и поранешниот претседател на пратеничката група Сократис Фамелос.

Останува отворено прашањето дали Каселакис одново ќе биде кандидат за претседател.

Грчките медиуми коментираат дека разврската во СИРИЗА е нешто што досега се нема случено во никоја друга партија во Грција.

За денешните случувања во грчката партија, засега нема официјален став од поранешниот лидер и поранешен премиер Алексис Ципрас.

Стефанос Каселакис беше избран за лидер на СИРИЗА на крајот на септември минатата година и предизвика несогласувања во партијата, по што неколку фракции си заминаа и 11 пратеници избрани од СИРИЗА на изборите во 2023 година ја формираа пратеничката група Нова левица.

На парламентарните избори пред нешто помалку од 15 месеци СИРИЗА освои 17,83 отсто од гласовите додека пак на евроизборите во јуни годинава 14,92 проценти, а и во двата изборни процеси беше на второто место. ср/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан