• понеделник, 23 декември 2024

Почна реконструкцијата на сите улици во скопската населба Пржино

Почна реконструкцијата на сите улици во скопската населба Пржино

Скопје, 15 мај 2022 (МИА) - Во населбата Пржино во општина Кисела Вода денеска почна проектот за реконструкција на сите улици во оваа населба и на најголем дел на улиците во населбата Црниче за што од Општината ќе бидат одвоени над 13 милиони денари. Со реконструкцијата ќе бидат опфатени улици во должина над шест километри или над 12 илјади метри квадратни патна инфраструктура.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска изјави дека изминатиов период од шест месеци како општина интензивно работат на подобрување на условите на граѓаните во сите сегменти на живеењето.

- Во финална фаза сме со реконструкција на улицата „Наум Охридски“, темелна реконструкција во која што имавме исправка на проектот со продолжување на атмосферската канализација, односно замена на истата од Ф 200 во Ф 500 со што исто така еден долгогодишен проблем во однос на атмосферските води се решава и долгорочно го решаваме изминатиов период направивме целосна реконструкција на улицата Рилски Конгрес доле во Црниче, 680 метри улица инвестираме паралелно и во подземната инфраструктура. Така што како општина сето она што 30 години беше мака и ги мачеше нашите сограѓани, го решаваме за помалку од шест месеци изминатиов период, рече Ѓорѓиевски и најави дека со исто засилено темпо ќе продолжат и во наредниот период.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој заедно со Ѓорѓиевски присуствуваше на почетокот на реализација на овој проект, рече дека градоначалниците од неговата партија имаат амбициозна агенда.

- Токму тоа ја прави разликата меѓу кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и оние кои што се во Владата и се заложници на една политичка партија којашто 20 години ја уназадува Македонија. Некој ме прашува дали е ова кампања за избори. Ова е кампања за народот и ние ја продолжуваме оваа кампања, рече Мицкоски. фф/бак/

Остани поврзан