Почна реконструкцијата на подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ во кумановското село Пчиња
- Почна реконструкцијата на подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ во кумановското село Пчиња, соопштија денеска надлежните. Екипите на градежната компанија веќе го отстрануваат дотраениот покрив на училиштето во ова населено место.
Куманово, 2 јули 2024 (МИА) - Почна реконструкцијата на подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ во кумановското село Пчиња, соопштија денеска надлежните. Екипите на градежната компанија веќе го отстрануваат дотраениот покрив на училиштето во ова населено место.
- Ќе се менува покривот, училиштето ќе има нова фасада, ќе се адаптира внатрешниот простор, ќе има повеќе училници и училишната година ќе почне со работа во една смена. Покрај ова, ќе се заменат прозорците, вратите, подовите. Набавивме и нови клими и просторот ќе се затоплува со електрична енергија, а не како досега со огревно дрво, изјави директорката на училиштето Јамсина Спасовска.
За реконструкцијата општина Куманово одвои над 8, 2 милиони денари. На јавна набавка избрана е липковската фирма „Ибро Комерц“.
- Очекуваме значително подобрување на условите за изведување на наставата. Ќе се замени и електриката ќе се постават штедливи сијалици. Очекуваме работите да завршат пред отпочнување на учебната 2024/25 година, додава Спасовска.
Во училиштето настава следат 64 ученици од Пчиња и од соседните села Студена бара и Вак’в. Училишниот објект датира од 1927/8 година, а 1955/56 година назначено е за осумгодишно училиште. ам/дма/
Фото: Општина Куманово