• понеделник, 23 декември 2024

Продолжи собраниската расправа за избор на нови министри

Продолжи собраниската расправа за избор на нови министри

Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) - Во Собранието денеска продолжи расправата за изборот на новите министри за правда, за здравство, за информатичко општество и за животна средина и просторно планирање.

За министер за правда е предложен Кренар Лога, за министер за здравство Фатмир Меџити, за министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу и за министер за животна средина и просторно планирање Каја Шукова. 

На вчерашната изјава за јавниот радиодифузен сервис на првиот вицепремиер Артан Груби, кој упати понуда до опозициската ВМРО-ДПМНЕ прво да се донесат уставните промени, па потоа да се оди на предвремени парламентарни избори, денеска од собраниската говорница одговори пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

- Првиот вицепремиер Артан Груби вчера даде јавни понуди на една национална телевизија, облечен во скапо одело, како што  му приличи на човек со таква материјална состојба и вели вака: „Ајде прво да одиме на уставни измени, па потоа да одиме на предвремени парламентарни избори“. Упатувам порака до Груби - Ајде прво да направиме вака - да одиме на предвремени парламентарни избори, на тие избори да ги победиме, да направиме коалиција која што навистина ќе биде проевропска и ќе сака да направи реформи, проекти и дела кои што ќе ја европеизираат државата, но во која што нема да има криминалци во политиката. Да го исушиме македонското политичко мочуриште. Тие криминалци да ги испратиме во историјата. Да дојдат луѓе кои што навистина ја имаат поддршката на граѓаните. И конечно еднаш засекогаш, тој човек и таквите како него да ги испратиме таму каде што заслужуваат да бидат. Да ги испратиме прво во правосудните реформирани органи, каде правдата ќе биде еднаква за сите, а потоа да ги испратиме онаму каде што согласно тоа што го имаат украдено заслужуваат да бидат, а тоа е во затвор, рече Стојаноски.

Според пратеникот од ГРОМ, Љупчо Пренџов, симптоматично е што во дискусијата за изборот на министри од редовите на Алијанса за Албанците, ниту еден од пратениците на оваа партија не се јавува „да каже два збора од собраниската говорница за тоа кои се луѓето кои што партијата ги предлага да бидат министри“.

- Дали е срам од јавноста? Дали е срам од партиското членство? Треба да си кажат самите зошто ниту еден од партијата која што предлага тројца министри не излегува да ни каже кои се луѓето, која им е биографијата, чии соработници биле, како напредувале во кариерата, кои се нивните квалитети ? Молк! Од тој молк ќе ви стане јасно за тоа што се случува во Република Македонија, ќе ви стане јасно дека ова не е никаква европска опција и ќе ви стане јасно дека на крајот влегува секој оној кој што може да ќари нешто за себе, за своите блиски и за својата партија, рече Пренџов.

Расправата за изборот на новите министри почна вчера, а уследи откако по речиси две недели беше завршена дискусијата и беа разрешени досегашните министри од редовите на Алтернатива - за здравство Беким Сали и за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и на министерот без ресор задолжен за дијаспора, Џемаил Чупи.

Премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на расправата за изборот на новите министри, од кои тројца се од редовите на Алијансата за Албанците, ја побара довербата од пратениците за формирање на, како што посочи, постабилна, поуспешна, поефикасна и фокусирана Влада.  

На 104. седница треба да бидат разрешени и замениците-министри за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу и да бидат избрани нивни заменици.

На стартот на седницата, што почна на 13 февруари, беа констатирани оставките на министрите за правда Никола Тупанчевски и за животна средина Насер Нуредини, како и на замениците-министри за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу. фф/сп/

Остани поврзан