• сабота, 23 ноември 2024

Почна пролетната акција што ќе се спроведува во 10 скопски општини

Почна пролетната акција што ќе се спроведува во 10 скопски општини
Скопје 21 март 2022 (МИА) - Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска заедно со директорите на јавните претпријатија на Град Скопје и градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска ја започнаа пролетната акција која ќе се спроведува низ скопските општини и ќе трае до 27 мај. Градоначалничката Арсовска најави дека Град Скопје ќе спроведува активности за темелно чистење на градските булевари и површините под градска надлежност, уредување и санација на дефекти во доменот на јавните градски претпријатија. - Големата пролетна работна акција низ општините опфаќа активности на чистење на булеварите и улиците, рачно и машинско миење на улиците, собирање на кабаст отпад на предвидените локации низ општините, санирање од оштетувања на коловозите, поставување на вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација, садење садници и уредување на зеленилото низ скопските општини, санации на пријавени дефекти и проблеми од  граѓаните, заловување на бездомни кучиња, каде што  по нивен хуман третман ќе биде овозможено да бидат вдомени, целосно чистење на атмосферските и фекалните линии, како и активирање механизација за прочистување на дождовните сливници на булеварите и на градските улици, изјави Арсовска. Таа исто така  додаде дека овие работни акции ќе бидат дел од редовните активности во Град Скопје. - Ако се работи во континуитет може да се видат значајни промени и Град Скопје да биде почисто и хумано место за живеење, а проблемите на граѓаните да бидат преточени во решенија за поубаво и модерно Скопје, нагласи градоначалничката Арсовска. Таа ги најави и следните општини во кои ќе се вршат активностите од пролетната акција: Кисела Вода од 21 до 25 март, во Карпош од 28 март до 1 април, Аеродром од 4 до 8 април, Гази Баба од 11 до 15 април, Бутел од 26 до 29 април, Шуто Оризари од 3 до 6 мај, Центар од 9 до 13 мај, Ѓорче Петров од 16 до 20 мај и во Сарај од 23 до 27 мај. Градоначалникот Ѓорѓиевски посочи дека и општина Кисела Вода дополнително ќе се вклучи во истите активности. - Верувам дека преку вакви заеднички активности ќе придонесеме за рамномерен развој во цело Скопје, рече Ѓорѓиевски. Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје Зухди Енуз информираше дека во рамки на оваа акција претпријатието има поставено специјални садови за кабаст отпад на неколку локации, и тоа во населба Драчево на ул. „Бранко Заревски” бр.17, Парк на бранители, Кисела Вода ул. „Христо Татарчев“ главна улица - наспроти ЈГД „8-ми Март“, Цветан Димов, ул. „Георги Димитров“ заден влез на СГУ „Васил Антевски-Дрен“, Црниче ул. „Наум Охридски“ бб пред УЗ Црниче. На новинарското прашање за влијанието на поскапувањето на енергенсите и нафтените производи, тој рече дека покачувањето на цените и на горивата сигурно ќе влијаат, но, како што рече, со помош на Град Скопје ќе успеат да излезат од оваа ситуација, да ги санираат проблемите, да ги амортизираат поскапувањата. - Мислам дека и Владата треба да знае дека во оваа новонастаната ситуација треба да им помогне и на јавните претпријатија бидејќи проблемите се сериозни и не се само наши туку се светски проблеми, рече Енуз. Одговарајќи на новинарско прашање кога ќе почне бесплатниот автобуски превоз за пензионерите, градоначалничката Арсовска рече дека на штета на граѓаните никогаш нема да се настапува. - Верувам дека директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ кој во девастирана состојба го најде претпријатието, а понатаму и се соочува со бројни опструкции, тоа што го ветил и што го кажал, а тоа што е поминато на седница на Советот ќе го реализира токму онака како што го кажал, во втората половина на март отпочнува оваа мерка на бесплатен јавен превоз за оваа категорија на граѓани за коишто Советот на Град Скопје ги има изгласано на својата претходна седница, изјави Арсовска. Во однос на прашањето за субвенциите за велосипеди и тротинети таа рече дека субвенции ќе има и тоа ќе биде дел од мерките кои се редовно најавени. Информира дека тоа делумно е поминато на седница на Советот на Град Скопје и додаде дека сега е време да се почне со јавните повици за кои граѓаните соодветно и на време ќе бидат известени за да може да ги искористат сите овие мерки кои се во нивен интерес. сх/мд/

Остани поврзан