• петок, 12 јули 2024

Почна проектот „Народна кујна“ за ранливите категории кумановци

Почна проектот „Народна кујна“ за ранливите категории кумановци

Куманово, 12 јули 2024 (МИА) - Вкупно 73 кумановци користат оброк обезбеден преку програмата за социјална заштита на општина Куманово наменета за ранливите категории граѓани, информираа денеска надлежните од секторот.

Оваа категорија граѓани кои се на работ на егзистенцијата го добиваат оброкот во просториите на ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ каде што функционира кујна. За работните денови има топол оброк, готвена храна, за време на викендите се делат пакети со храна.

- Утрово беа поделени 73 оброка за најзагрозените наши сограѓани. Во меѓувреме тие добија оброк и за деновите од викендот. Ова е е еден начин да им се помогне на оние на кои суштински им е потребна помош, изјави раководителот на сектоорт за социјална заштита Александар Крстевски.

Проектот „Народна кујна“, е наменет за лица кои се наоѓаат под најголем социјален ризик во Општина Куманово, а давател на услугата е училишниот дом „Професор Мијалковиќ“, со финансиска поддршка обезбедена од Општина Куманово во вредност 5.400.000 денари.

Условите и начинот за остварување на правото на користење се утврдени во правилникот за утврдување на постапка за користење на правото на народна кујна: лица-корисници на гарантирана минимална помош во Јавна Установа Меѓуопштински Центар за социјална работа Куманово каде што треба да биде доставено решение од ЈУМ Центар за социјална работа Куманово (копија), лица со многудетно семејство-корисници на гарантирана минимална помош (три или повеќе малолетни деца) кои имаат доставено решение центарот (копија) и извод од матична книга на родени за секое малолетно дете поединечно (копија), лица корисници на минимална пензија (последен чек од пензија). И последната измена ги опфати и лицата со попреченост.

Од секторот велат дека до нив пристигнале двесте барања, но дел од нив ја немале потребната документација. Службите од овој сектор ќе се ангажираат да ја обезбедат за да им помогнат на најсиромашните граѓани.

– Сега им помагаме за да влезат во процесот за добивање на мерката помош за јавна кујна. Во следниот период ќе се разгледува можноста да се поедностави процесот и правната рамка за аплицирање, изјави Крстевски.

Во Куманово има веќе и топол оброк што го користат ранливите категории граѓани, а се обезбедува преку државата и Центарот за социјални работи. ам/ цр


Фото: МИА и Општина Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан