• вторник, 26 ноември 2024

Почна пријавувањето за седмото издание „Вози право, вози здраво“

Почна пријавувањето за седмото издание „Вози право, вози здраво“

Скопје, 18 мај 2023 (МИА) - Почнува регистрацијата за најголемиот и најмасовниот настан на тркала „Вози право, вози здраво“ во организација на Стопанска банка АД - Скопје, кој годинава ќе се одржи на 28 мај (недела). На овој ден, скопските улици во центарот на градот ќе бидат ослободени од автомобили и целосно отворени за сите рекреативци на велосипеди, тротинети, ролерки, скејтборди, бебешки колички и други еколошки превозни средства на тркала.  

Стартот на седмото ревијално возење, соопштија организаторите, е од Порта Македонија во 17 часот, од каде учесниците се упатуваат до Градскиот парк каде ќе ги чека освежување обезбедено од организаторот, како и голема забава со музика, вредни награди и бројни изненадувања. Секој учесник кој има стартно бројче учествува во лотарија во која за седмото издание на „Вози право, вози здраво“ ќе се доделат седум велосипеди за возрасни Specialized, седум детски велосипеди Specialized, седум кациги Specialized, седум Air pods, седум Garmin часовници, седум спортски ранци и седум JBL слушалки. Дополнително, во текот на настанот ќе се поделат и утешни награди, како маици, ТОПСИ торби и шишиња за на велосипед.  

Ова е настан наменет за дружење, забава и промоција на здрави животни навики и чување на животната средина. Затоа на „Вози право, вози здраво“ не се мери времето и сите се победници, а главната цел е да се пренесе пораката за значењето на здравата животна средина, како и намалување на сообраќајниот метеж преку користење на алтернативни средства за превоз кои не ја загадуваат околината, наведуваат организаторите на „Вози право, вози здраво“. цр/дма/

Фото:„Вози право, вози здраво“

Остани поврзан