• петок, 22 ноември 2024

Почна Меѓународниот шаховски турнир за слепи лица во Штип

Почна Меѓународниот шаховски турнир за слепи лица во Штип

Штип, 2 јули 2024 (МИА) - Во организација на Здружение на слепи лица - Штип денеска почна Меѓународен шаховски турнир за слепи лица. Драги Витанов претседател на Здружението на слепи лица-Штип, вели дека на турнирот учествуваат 16 лица од Република Северна Македонија, Србија и Бугарија. Награди ќе има за тројцата најдобри шахисти, како и за шахистките, кои се натпреваруваат на овој турнир, а кој се реализира во зградата на Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ во Штип, со финансиска поддршка на Општина Штип.

-Првите тројца на турнирот ќе добијат награди, како и најдобро пласираната женска шахистка. Овој турнир е со финансиска поддршка и во соработка со Општина Штип, како и со Државниот студентски дом, каде што се одржува турнирот и се сместени слепите лица, вели Витанов.

Ранко Вуковиќ од Република Србија, кој е учесник на Меѓународниот турнир во шах вели дека  во шахот се најмали тие бариери кои слепите ги имаат заради видот и можат рамноправно да се натпреваруваат со лицата кои немаат проблем со видот.

-Шахот е игра која ја развива комбинаториката и го сакам шахот. Ваквите настани како што е овој шаховски турнир и спортските турнири воопшто се од големо значење, бидејќи вака покажуваме дека слепите лица се рамноправни со другите во едно општество. Србија минатата годинава беше европски првак во шах, вели Вуковиќ.

Љубомир Петков Иванов од Република Бугарија истакна дека интересот за шах кај слепите лица во неговата земја е голем.

-На државно ниво сме поделени на две групи, А и Б каде има околу 60 лица, а заедно со придружниците околу 100. Имаме турнири финансирани од државата и од европските фонвдови. Единствената забелешка ни е што турнирите траат кратко, од 3 до 4 дена, вели Петков Иванов.

Прашани дали проблемите на слепите лица се решаваат во нивните држави, Вуковиќ од Република Србија смета дека проблемите на слепите лица се речиси исти на Балканот.

-Предрасудите се големи, посебно во помалите средини. Јас сум од Краљево, предрасудите кон лицата со инвалидитет се големи, но јас се трудам и со личен пример и преку работата на нашето Здружение односно Сојуз на слепи и слабовиди да ги разбиеме предрасудите и мислам дека се движиме во добар правец. Се повеќе луѓето ги прифаќаат слепите лица. Но инфраструктурните проблеми се големи, немаме тактилни патеки, се уште нема доволно звучни семафори, но работите се менуваат, новите улици кои се градат имаат тактилни патеки и звучни семафори, а во поголемите градови во Србија во градските автобуси има и звучна најава на станиците. Се уште не е тоа на ниво кое треба да биде, но сепак е подобро од порано, вели Вуковиќ.

Петков Иванов од соседна Бугарија вели дека е задоволен од грижата на државата кон слепите лица.

-Но, во инфраструктурата треба да има подобрување, треба да има повеќе места за да можат да излегуваат и да се движат лицата со оштетен вид и да бидат поактивни во општестеството. Што се однесува до спортот на лицата со оштетен вид, има големи постигнувања, има многу сали кои се изградени и уредени само за нас и мислам дека има уште многу што да се направи на овој план, вели Петков Иванов.

Слепите лица од трите држави утре ќе се дружат и на концерт, кој го организира Здружението на слепи лица од Штип. На почетокот на турнирот присуствиваше и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов кој истакна дека соработката со Здружението на слепи лица е одлична и ги прифаќаат нивните забелешки, со цел да им се подобри и олесни животот. вдјсст/

Фото: МИА 

Остани поврзан