• четврток, 28 ноември 2024

Почна вакцинацијата против сезонскиот грип во штипскиот Центар за јавно здравје

Почна вакцинацијата против сезонскиот грип во штипскиот Центар за јавно здравје

Штип, 25 октомври 2023 (МИА) - Во штипскиот Центар за јавно здравје почна вакцинацијата на граѓаните против сезонскиот грип. Директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова вели дека со вкупно 2.900 вакцини ја започнале вакцинацијата против сезонски грип. Посочува дека граѓаните кои се пријавиле за вакцинација преку веб-страницата вакцинација.мк преку СМС-порака добиваат известување за точниот датум, час и место за вакцинирање. Вакцинацијата се врши во сите Центри за јавно здравје низ државата, а денеска се вакцинирани околу 20 – 30 граѓани.

- Од денеска почнува вакцинацијата за сезонски грип, и со бесплатни и со комерцијални вакцини. Вкупно добиени дози имаме 2.800 за бесплатните вакцини и 100 дози за комерцијални вакцини. Цената на комерцијалните оваа година ќе биде 700 денари. Оние што се бесплатните вакцини се за ризичните групи: хронично болните, лица постари од 65 години, здравствени работници, бремени жени и деца до шест години, вели Димитрова.

Од Министерството за здравство велат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи. Директорката Димитрова повика оние кои имаат проблем со пријавувањето да се обратат кај нив.

-Бројката моментално не ја знаеме, бидејќи пријавата оди преку системот вакцинација.мк, ги координира „Мој термин“, распоредени се во време од 5 до 10 минути, така што немаме метеж. Сите оние што ќе бидат пријавени во „Мој термин“ ќе добијат бесплатна вакцина. Апел до граѓаните е да се пријавуваат, особено ризичните групи, а ако имаат проблем со пријава, може да дојдат кај нас да направиме пријава на вакцинација.мк, рече Димитрова. вдј/ир


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан