• вторник, 05 ноември 2024

Почнаа карневалските празнувања во Струмица

Почнаа карневалските празнувања во Струмица
Струмица, 26 февруари 2020 (МИА) - Годинашното триесетто јубилејно издание на Струмичкиот карневал во организирана форма почна вечерва со симболично предавање на клучот од градот од страна на градоначалникот Коста Јаневски на карневалистите и со кревање на карневалското знаме. Во наредните осум денови, колку што траат карневалските празнувања, карневалистите симболично ќе управуваат со градот. - За нашиот карневал веќе пооддамна се знае на Балканот, во Европа и светот, па како таков не случајно е високо позициониран на карневалската мапа, составена од бројни европски и светски карневалски градови. Тоа го прави Струмичкиот карневал, бренд во брендот, а еден таков редок бренд треба да се чува, негува и надградува, рече градоначалникот Јаневски по предавањето на клучот од градот на карневалистите. Претседателот на Организациониот одбор, Александар Цицимов, рече дека со тимска работа заедно со сите карневалисти е направено „Струмичкото чудо“. - И годинава ќе направиме се и оваа година достојна на јубилејот да ги одбележиме карневалските денови, истакна Цицимов. Веднаш потоа се одржа и свечена седница на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал на која беше презентирана монографијата по повод јубилејот 30 години од организираното постоење на еден од најпознатите карневали во Европа насловена како „Струмичко чудо“. Монографијата е во електронско издание и ќе биде дополнето со годинашното издание, а до крајот на годината треба да биде печатена. Автори се Катерина Милушева и Александар Цицимов. - Од страница во страница оваа монографија концепциски разработена во два дела насловени како „За Струмичкиот карневал“ и вториот дел „30 години од обновувањето на организираната форма на Струмичкиот карневал“ ќе ви открие еден голем ентузијазам, љубов и инвентивност, кои во сите овие години на опстојување никогаш не го напуштиле струмичанецот, туку сосем спротивното - растеле и ги следела тековите на светски познатите карневали, рече Милушева. На повеќе поединци и организации им беа доделени признанија и медали, а меѓу добитниците е и МИА за особен придонес за развојот и популаризацијата на Струмичкиот карневал. Првиот карневалски ден заврши со отворање на ретроспективна изложба „Струмички карневал - 30 години ѕвезда под небото“. Карневалските празнувања во Струмица завршуваат на 4 март, а главниот настан е в сабота со одржувањето на Интернационалната карневалска поворка, во која треба да учествуваат 45 поединечни и групни маски од земјава и странство со над 1.200 учесници. рт/сп/

Остани поврзан