Почнаа инвестициски зафати во Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип
- Во штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“ почна реконструкцијата на подовите и по долги години ќе се бојадисуваат сите простории во објектот. Директорот на Центар за култура „Ацо Шопов“, Гор
Штип, 22 јуни 2022 (МИА) - Во штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“ почна реконструкцијата на подовите и по долги години ќе се бојадисуваат сите простории во објектот. Директорот на Центар за култура „Ацо Шопов“, Горан Трајков вели дека средствата се во висина од 1.780.000 денари.
-Средствата се од Програмата на Министерството за култура и инвестициските зафати се промена на стариот со нов под ламинат во вредност од 460.000 денари и во објектот на Центарот за култура и во Народниот театар Штип, во Центарот за култура ќе се реконструираат тоалетите за публиката, а во Театарот службените тоалети и имаме молерисување во просториите на зградата на Центар за култура „Ацо Шопов“, вели Трајков.
Посочи дека овие зафати ќе се одвиваат во наредните две недели. Трајков најави дека културно-уметничките активности продолжуваат, а вечерва во Галерија 22 членовите на ликовното ателје „Колорис“ пред штипјани ќе ги изложат своите аматерски слики на кои работеле во периодот од јануари до јуни годинава. Дел од изложбата ќе бидат 50 учесника, кои во Галеријата ’22 ќе имаат изложено 150 дела.
-Од утре со почеток од 19:00 часот ќе имаме претставување на ликовното ателје „Колорис“ и претставување на Градскиот хор – Штип со полуконцертно издание, кое не е во склоп на оваа изложба. Она што е важно за изложбата е дека овде може да видите повеќе слики од луѓе коишто ја сакаат ликовната уметност, а се занимаваат аматерски со сликањето. Граѓаните ќе може да дојдат и ако им се допадне која било слика, ќе може да си ја купат. Значи, ова ќе биде аукциска изложба, така што секоја слика си има бројче и ќе може да си ја купат, рече Трајков.
Ова не е првпат да се реализира ваква изложба на членовите на ликовното ателје „Колорис“, младите ликовни уметници веќе неколкупати со своите уметнички дела придонесуваат и во хуманитарни цели. На минатогодишната аукциска изложба граѓаните во голема мера покажале интерес за овие аматерски уметнички дела.
-Граѓаните се секогаш заинтересирани за добра слика. Минатата година кога се одржа оваа галериска изложба и јас си купив слика која многу ми се допадна. Цените се симболични и ги задоволуваат основните трошоци коишто ателјето и нивните членови ги имаат потрошено, што е една добра пракса за да може да се рефинансираат овие активности и е добро за сите нас, додаде Трајков. вдј/ки/