• понеделник, 23 декември 2024

Почина Далибор Ѓошиќ, пејач и солист на „Танец“

Почина Далибор Ѓошиќ, пејач и солист на „Танец“

Скопје, 10 октомври 2023 (МИА) - По кусо и тешко боледување денеска на 41-годишна возраст почина Далибор Ѓошиќ, истакнат пејач од прв ред - солист на  Националната установа за народни игри и песни ансамбл „Танец“.

- Со длабока тага ја примивме веста дека денеска, по кусо и тешко боледување, на 41-годишна возраст не напушти нашиот колега Далибор Ѓошиќ, кој ќе остане запаметен по неговите врвни вокални интерпретации со ансамблот „Танец“, насекаде низ светот, објави вечерва „Танец“ на Фејсбук. 

Далибор Ѓошиќ е роден во 1982 година и целиот својот животен и професионален пат го поминал во својот роден град. Музиката е негова љубов и определба уште од најрана возраст, а неговото музичко образование се протега од нижото и средното музичко училиште, сѐ до Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Во Националниот ансамбл „Танец“ се вработил во 2007 година, каде за време на 16-те активни години, како вокален солист и како дел од различни ансамблови состави, остварил 363 концертни настапи, дома и надвор.

За само четврт век, со „Танец“ настапил во 23 држави во Европа, САД, Азија, Африка. Според статистиката, има исполнето над 300 песни пред вкупен аудиториум од речиси 100 илјади посетители.

- Незаборавни се неговите изведби на песните „Дејгиди, луди, млади години“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Кирјана вино продава“, „Јовано, Јованке“ и многу други. Покрај успешната кариера со ансамблот „Танец“, Далибор Ѓошиќ беше присутен и на фестивалската сцена. За време на својот краток, но плодотворен живот, остави голем број на безвременски интерпретации на изворни и новосоздадени песни во народен дух, кои трајно ќе останат во аналите на македонската народна музика. Ѓошиќ со право важеше за еден од најдобрите гласови во Македонија, се вели во објавата на „Танец“. 

Информациите за датумот и местото на погребот ќе бидат дополнително објавени. мд/лв/
 
 Фото: Фејсбук на „Танец“ 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

Остани поврзан