• недела, 22 декември 2024

Починатиот малолетник во Црвени Брегови ќе биде погребан утре во Криволак 

Починатиот малолетник во Црвени Брегови ќе биде погребан утре во Криволак 

Неготино, 9 декември 2024 (МИА) - Малолетникот кој вчера беше пронајден починат заедно со уште две починати повозрасни лица во Црвени Брегови, ќе биде погребан утре на муслиманските гробишта во Криволак, потврдија попладнево за МИА од Џамискиот одбор во Криволак. Претседателот на Одборот, Сафет Темуровски изрази сочувство до неговото семејство. 

Како што информираше МИА синоќа, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци извршил увид на лице место во неготинското село Црвени Брегови, каде во мала куќа што се користела како импровизиран верски објект биле пронајдени три безживотни тела, меѓу кои и на едно дете на возраст од околу 14 години. 

- При првичниот преглед на лицата, не се констатирани траги на насилство. Јавниот обвинител издава наредби за обдукција, како и наредба за испитување на исправноста на плинскиот уред на кој се грееле, рекоа од Обвинителството. 

Трите починати лица во Црвени Брегови биле на возраст од 71 и 66 години и еден малолетник, потврдија синоќа за МИА од СВР Велес.  

- Првичната  информација е дека во 16:35 часот во ОВР Неготино било пријавено дека во објект во село Црвени Брегови, неготинско, биле пронајдени три починати лица - Ј.Ј.(71) од Битола, Ф.Е.(66) од Ресен и малолетник од село Црвени Брегови. Лекар од Итна медицинска помош Неготино констатирал смрт, а  увид на местото извршил јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР Неготино. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција, изјави синоќа портпаролката Биљана Ѓаковска за МИА. свд/дма/


Фото: од Фејсбук профил на Темуровски 

Остани поврзан