• недела, 21 јули 2024

Почеток на „Денови на комедија“ причина за отстранување на заштитна ограда на малиот градски плоштад во Куманово

Почеток на „Денови на комедија“ причина за отстранување на заштитна ограда на малиот градски плоштад во Куманово

Куманово, 27 септември 2023 (МИА) - По реакциите на кумановци дека само што беше поставена, а потоа и отстранета заштитната ограда за реконструкција на малиот градски плоштад во Куманово, од општина Куманово за МИА посочија дека реконструкцијата ќе се помести поради отворањето на меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ чие отворање е закажано вечерва.

Заштитната ограда беше поставена за време на викендот и на почетокот на работната недела беше отстранета, што предизвика реакции во јавноста.

- Поставената ограда на малиот плоштад беше дел од подготвителните активности пред отпочнување на реконструкција на плоштадот, кои сега се завршени. Реконструкцијата се поместува согласно отворањето на „Денови на комедија во градот“ и непречена циркулација на граѓаните на овој простор на денот на отворањето, велат од општината.

Оттаму додаваат дека активностите за реконструкција ќе продолжат во наредниот период.

Реконструкцијата на малиот градски плоштад ќе опфати замена на подлогата, на урбаната опрема канделабри, клупи, жардиниери, осветлување, акцент ќе се стави на спомениците. Улицата која ги двои двата плоштада и која во моментов се користи за сообраќај ќе се менува, ќе биде поставена подлога за да се добие целина со зоната на малиот плоштад. Од општинскиот буџет одвоени се 47.548.100,00 денари со вклучен данок на додадена вредност. ам/цр


Фото: МИА и МИА архива

Остани поврзан