• среда, 25 декември 2024

Потребен е политички договор околу датумот на одржување на изборите, вели Пендаровски

Потребен е политички договор околу датумот на одржување на изборите, вели Пендаровски

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) - Во вечерашното интервју за „Клик плус“ на ТВ 21 претседателот Стево Пендаровски на прашањето дали е потребно парламентарните и претседателските избори идната година да се одржат одвоено или заеднички, тој истакна дека одлуката дали ќе се одржат предвремени парламентарни избори е на Собранието и е потребен политички договор околу датумите на одржување.

Во однос на барањето на опозицијата за идните избори да се одржат заеднички поради наводните тврдења за неизлезност, како и најавите за тивок бојкот од нивна страна, Пендаровски истакна дека доколку големите политички партии учествуваат на изборите тогаш ќе има излезност од над 40 отсто, и додаде дека доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е убеден дека нивната партија води на анкетите, тогаш не би се плашеле да излезат на избори кога и да се одржат.

Според него, опозицијата имала интересни ставови.

-Во врска со тоа опозицијата вели дека ќе победи сигурно со 2,3 разлика, ама не се сигурни дали ќе учествуваат. Ако си сигурен дека победуваш, што е спорно дали ќе бидат заедно или одвоени, дали ќе бидат во јули или август. Тоа што се колебаш дали ќе учествуваш на одвоени избори. Зошто ја поставуваш таа дилема, а секојдневно не бомбардираш со анкети дека водиш два пати, три пати повеќе, додава Пендаровски. 

Пендаровски меѓудругото истакна дека не верува во анкетите презентирани од страна на партиите.

-Јас верувам само во анкети кои ми ги презентираат моите луѓе, релевантни истражувачи, а не верувам во партиските штабови, било кој и да е, затоа што знам дека зад тоа има манипулација, кажа тој.

На новинарско прашање кој ќе биде претседателски кандидат од СДСМ, Пендаровски вели дека не знае, не коментирајќи ги шпекулациите дека СДСМ за свои кандидати за претседател на идните избори ги има Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, актуелниот претседател Стево Пендаровски и Миле Зечевиќ.

-Со сите овие кои ги споменавте имам одлична соработка, но ако ме прашате мене, според информациите кои ги имам, процесите за кандидат од СДСМ и натаму не е започнат. Јас бев поддржан од ДУИ и од 20-30 помали политички партии, затоа што немаа свој кандидат. Не можам да знам дали СДСМ и ДУИ сега ќе одат со одвоени кандидати. Доцна е само ако станува збор за тотален анонимус па ќе треба време да се истражи, но сите овие кои се споменуваат се искусни имиња и долго во политиката, така што не е доцна, вели Пендаровски. нд/

 

Остани поврзан