Потпишан меморандум за соработка меѓу ЈУ Национален парк „Пелистер“ и планинарските друштва од Битола
- Јавната установа Национален парк „Пелистер“ и планинарските друштва од Битола денеска потпишаа меморандум, со кој се овозможува соработка и активно вклучување на битолските планинари во заштита од шумските пожари и зачувување на природните богатства на Пелистер.
Битола, 3 јули 2025 (МИА) - Јавната установа Национален парк „Пелистер“ и планинарските друштва од Битола денеска потпишаа меморандум, со кој се овозможува соработка и активно вклучување на битолските планинари во заштита од шумските пожари и зачувување на природните богатства на Пелистер.
Планинарските друштва и планинарите ќе може континуирано да го евидентираат и пријавуваат секое несовесно однесување до ренџерската служба на Националниот парк Пелистер, информираа од јавната установа.
-Со цел заштита од шумски пожари и зачувување на природните богатства на Пелистер, денеска потпишавме меморандум со кој во периодот 1 јули до 31 август 2025 година, согласно Законот за шуми, се воведува целосна забрана за движење во шумите на територијата на паркот, со исклучок на лица или планинарски друштва кои претходно добиле дозвола за движење. Со меморандумот го зголемуваме степенот за заштита од пожари, одржување на чистота и ред во природата, контролирано движење по означени патеки, како и навремено пријавување на сомнителни активности, истакна Иванчо Тошевски, директор на ЈУНП „Пелистер“-Битола.
Во наредниот период доколку граѓаните забележат пожар, отпадоци или сомнителни активности да пријават на локацијата Пелистер/Вртушка, односно на телефонските броеви 070/281-300, 071/235-972, 075/237-267 и 071/401-977 или во селото Брајчино на телефонскиот број 072/312-215.мт/фф/
Фото: ЈУНП „Пелистер“-Битола