• петок, 05 декември 2025

Потпишан договор за изградба на првата мултифункционална сала во Берово – дел од проектот „Новото урбано лице на Истокот“

Потпишан договор за изградба на првата мултифункционална сала во Берово – дел од проектот „Новото урбано лице на Истокот“

Берово, 17 јули 2025 (МИА) – Договор за изградба на првата мултифункционална сала во Берово – дел од проектот „Новото урбано лице на Истокот“, која ќе биде лоцирана во склоп на Домот на културата „Димитар Беровски“, денеска беше потпишан. Оваа инвестиција е прва од ваков тип во општината и ќе претставува нов центар за културни, едукативни и забавни настани.  

Договорот, како што информираа денес од  Општината, беше потпишан со Министерството за култура и туризам, како дел од вториот повик на Владата на Република Северна Македонија за изразување интерес за кофинансирање на инфраструктурни проекти од областа на културата за 2025 година.  

Проектот предвидува изградба на современ, енергетски ефикасен објект опремен со најнова аудио-визуелна, сценска и техничка опрема, наменет за филмски проекции, концерти, конференции, театарски претстави и други настани.  Изградбата како што напоменаа од Општината ќе започне веднаш по спроведување на јавна набавка, а се очекува да биде реализирана во рок од три години. 

Вредноста на проектот изнесува 115.354.817 денари, од кои Владата на РСМ има одобрено 90.414.225 денари. Во 2025 година е планирана реализација на 19.680.365 денари.  

-Ова е најголемата инвестиција во културата во историјата на Берово. Мултифункционалната сала ќе биде отворена за сите – млади, уметници, наставници, граѓани – и ќе претставува нова душа на нашиот град, изјави градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски при потпишувањето на договорот.  

Со овој проект, како што додаде тој. центарот на Берово добива современо катче што ќе го збогати културниот живот во регионот и ќе го постави градот на мапата на модерни културни дестинации во земјата. вс/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан