• четврток, 19 декември 2024

Потврдена заложбата за унапредување на воената соработка на средбите во рамки на посетата на генералот Ѓурчиновски на Албанија

Потврдена заложбата за унапредување на воената соработка на средбите во рамки на посетата на генералот Ѓурчиновски на Албанија

Скопје, 25 април 2023 (МИА) - Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски кој се наоѓа во официјалната посета на Република Албанија, во текот на денешниот ден во Тирана оствари средби на највисоко воено и државно ниво на кои се разговараше за меѓусебната воена соработка.

Како што соопшти Министерството за одбрана, по приемот со високи воени почести, во Генералштабот на Вооружените сили и Министерството за одбрана на Република Албанија, генералот Ѓурчиновски имаше одвоени средби со својот домаќин, началникот на Генералштабот на албанските Вооружени сили, бригаден генерал Арбен Кинји и со министерот за одбрана Нико Пелеши.

На средбата помеѓу началниците на генералштабови се опфатени повеќе прашања меѓу кои: унапредување на воената соработка преку изведување на заеднички активности, учество во меѓународни операции, актуелните безбедносни предизвици, научени лекции од актуелната безбедносна состојба предизвикана од агресијата над Украина, како и користење на армиските капацитети со кои располагаат двете држави.

Меѓусебната воена соработка и нејзиното унапредување како значаен фактор за безбедноста на регионално ниво и пошироко исто така била тема на разговорите за време на средбата на генералот Ѓурчиновски со министерот за одбрана, Нико Пелеши.

Генералот Ѓурчиновски за време на разговорите ја истакнал улогата на меѓусебната воена соработка во зацврстување на безбедноста во регионот, но и пошироко со нашето учество и придонес во активностите на НАТО за зајакнато и истурено присуство. Притоа е потврдена заложбата за континуирано унапредување на истата, се посочува во соопштението.

По средбата во генералштабот и министерството за одбрана, генералот Ѓурчиновски во текот на денот ќе оствари средба и со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.

Воената делегација во текот на денот ја посети командата на копнената војска, каде покрај средбата со командантот, бригаден генерал Илир Чебеџија, беше запознаена и со мисијата, задачите и капацитетите на копнените сили на ВС на Албанија. Притоа пред делегацијата е презентирана и дел од вооружувањето, опрема и возила со која е опремена лесната пешадиска баталјонска група.

Армијата на Република Северна Македонија има континуирано добра билатерална соработка со ВС на Република Албанија која е најизразена на полето на заедничката обука и вежбите. Соработката покрај на билатерален план се спроведува и во рамките на Јадранската повелба и форумот на началници на генералштабови на армиите од балканските земји.

Единица од ВС на Албанија ќе учествува и во претстојната вежба „Immidiate Response 23” која ќе се реализира на АП Криволак и ќе биде најголема вежба годинава во Република Северна Македонија, посочуваат од Министерството за одбрана. ев/нд/

Остани поврзан