• понеделник, 18 ноември 2024

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител оди преку Советот на ЈО, кога ќе ги добиеме документите ќе одлучуваме, вели Ковачевски

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител оди преку Советот на ЈО, кога ќе ги добиеме документите ќе одлучуваме, вели Ковачевски

Скопје, 29 декември 2023 (МИА) - Постапката за избор на нов државен јавен обвинител оди преку Советот на јавни обвинители, потоа доаѓа во Владата. Штом ќе имаме документи, тогаш ќе може да ги разгледаме и да одлучуваме по истите, вели премиерот Димитар Ковачевски. 

Прашан дали ќе ја стопира постапката за избор на државен јавен обвинител, со оглед дека еден од кандидатите, јавната обвинителка Фатиме Фетаи се жалела и барала да се стопира изборот, Ковачевски, рече дека без да ги види документите не може да каже кој, каде и за што се жалел.

- Ние ја немаме документацијата бидејќи знаете дека постапката оди од Советот на јавни обвинители, потоа доаѓа во Владата. Штом ќе имаме документи тогаш ќе може да ги разгледаме и да одлучуваме по истите. Меѓутоа, не можам да ви кажам без документи кој се жалел, каде се жалел и за што се жалел, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање отворањето на спортската сала „Наум Наумовски-Борче”.  

Советот на јавни обвинители на 27 декември едногласно даде позитивно мислење за кандидатот Љупчо Коцевски да биде нов државен јавен обвинител. На седницата, Советот не даде позитивно мислење за кандидатот Лидија Раичевиќ, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше, поради нецелосно доставена документација.

Обвинителката Фатиме Фетаи, потоа во изјава за медиумите, најави дека писмено ќе се обрати до Советот на јавни обвинители со барање за преиспитување на постапката, но и дека ќе се обрати до Собранието и до Владата заради стопирање на понатамошниот тек на постапката се до конечно утврдување на правилноста на одлуката на советот на јавни обвинители.

На актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му заврши на 25 декември, а Советот на ЈО на седница минатата недела ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на дожноста до завршување на изборот.

Собранието го објави огласот на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.

Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.

Советот на ЈО, согласно законските одредби дава позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење. аа/са/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан