• понеделник, 23 декември 2024

Поставен камен-темелник за доградба на ООУ „Коле Неделковски“

Поставен камен-темелник за доградба на ООУ „Коле Неделковски“

Скопје, 4 септември 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски денеска присуствуваа на поставувањето камен-темелник за доградба на ООУ „Коле Неделковски“ во Дебар Маало. Со доградбата се планира изградба на четири нови училници, ново скалишно јадро, лифт и санитарен дел.

Премиерот пред присутните кажа дека станува збор за  едно од најстарите училишта во Скопје и оти ова е прв зафат за проширување на училиштето по 65 години, откако се отворени вратите за првите ученици во 1958 година.  

- Оттогаш, од училишните клупи се излезени низа успешни генерации. Ова училиште се покажа како едно од основните училишта со модерна и квалитетна настава за образување и воспитување на децата, посочи премиерот.

Тој појасни дека има 708 ученици кои тука се образуваат во 20 училници. Сега започнува изградба на нови дополнителни четири училници, каде ќе се образуваат уште 100 нови деца во училиштето.

- Низ разговорот кој го имавме веќе се планира и проширување на влезот и правење на паркинг место со оглед на тоа што училиштето се наоѓа во навистина централно градско подрачје. Исто така, училиштето ќе биде изградено по најновите стандарди, на прозорците ќе бидат поставени прозорци со нано филтри за обезбедување на почист воздух за децата што е важно за тоа дека училиштето навистина е сместено во најцентралното градско подрачје во државата, со голема фреквенција на сообраќај, предвидени се уште еден влез во училиштето и лифт за деца со посебни потреби. Проектот е во вредност од околу 580.000 евра, и е целосно финансиран од буџетот на Општина Центар. И тоа е навистина за поздравување бидејќи кога домаќински се работи, тогаш може да се градат училишта, а кога се работи недомаќински, тогаш се садат жални врби во Вардар и се купуваат прескапи споменици од Италија, изјави Ковачевски.

Тој ја поздрави континуирата определба на Општина Центар да вложува во унапредувањето на условите за воспитување и образување на децата според модерни, европски и светски стандарди.

- Општина Центар треба да биде пример и за другите општини низ државата, за тоа што значат вистинска грижа за реалните потреби на луѓето и вложувања според современи стандарди, какви што заслужуваат и македонските граѓани, како и граѓаните во Европа, кон којашто целиме. Ваквата определба на Општина Центар е на линија на определбите на Владата за современ образовен процес во државата, на што работиме, како во делот на наставата, така и во делот на обезбедувањето модерни просторни услови за негова реализација. Преку Министерството за образование и наука, во изминатиот 5-ипол годишен период,  реконструирани се вкупно 120 училишта, од кои 21-но училиште само во оваа 2023 година, во општините во Скопје, и во другите општини во државата каде што беа направени сериозни градежни зафати за реконструкција на училиштата а и медиумите и граѓаните преку медиумите можеа да видат дека во Куманово е изградено комплетно ново средно училиште. Во тек се реконструктивни активности во 15 други училишта ширум државата, информираше премиерот.

Преку Проектот за унапредување на основното образование, предвидена е реконструкција на санитарните јазли и изградба на пристапни рампи за ученици со попреченост во 118 училишта. И во 40 училишта, овие активности се веќе започнати. 

- Исто така, во тек се подготвителни активности за поставување фотоволтаици во училиштата, со поддршка од Банката за развој при Совет на Европа, во износ од 1.100.000 евра, со што ќе се обезбедат заштеди за потрошувачката на енергија и заштита на животната средина, а заштедите секако дека ќе останат за училиштата кои што ќе можат да ги искористат за унапредување на својата настава. Досега, набавени се и мебел за опремување кабинети по природни науки во 264 основни училишта и опрема и нагледни средства за кабинети по природни науки во 358 училишта. А во тековната 2023 година, сите основни училишта во државата комплетно се опремени со нови нагледни средства и помагала во кабинетите по историја, географија и за другите предмети од групата општествени науки, додаде Ковачевски. 

Тој потсети дека досега се изградени и 43 спортски сали во основни и средни училишта. А со потпишаниот договор за неповратен грант од 3 милиони евра помеѓу Министерството за образование и наука и Банката за развој при Советот на Европа, како што додаде тој, следува и реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и за набавка на нова спортска опрема, за вкупно 50 спортски сали во склоп на основни училишта. 

- Ова е начинот на кој се работи и на кој се гледа напред и се мисли за доброто и на сегашните, меѓутоа и на идните генерации на млади кои што треба да живеат тука во нашата држава. Поглед напред имал и патронот на ова училиште каде сме денес, македонскиот поет Коле Неделковски, кој го дал својот млад живот цврсто определувајќи се за оптимистичкиот поглед кон подобра иднина и смели чекори во борбата против фашизмот. Наша обврска и на сите денес е да дејствуваме со должна почит кон визијата за напредна држава, во којашто нашите деца растат, се образуваат, живеат, работат, напредуваат и мотивирано придонесуваат во развојот на својата сопствена држава, дециден беше Ковачевски.

Герасимовски истакна дека инвестицијата за проширување на капацитетите е прва по 65 години од отворање на училиштето.

- Четирите нови училници кои се градат значат повеќе од 100 нови ученици кои секојдневието ќе го поминуваат во нови пријатни и осветлени простории. Со доградбата се планира и ново скалишно јадро кое ќе го олесни пристапот до новата доградба, а новиот лифт ќе им обезбеди непречен пристап и на учениците со потешкотии во движењето. Пристапна рампа се планира и во приземниот дел покрај скалишниот пристап, а обезбеден е и помошен излез од задниот дел на објектот. Во внатрешниот приземен дел обезбеден е тоалет за лица со инвалидитет додека веќе постојните санитарии ќе бидат наменети и за новиот дел од доградбата. За сите прозорци од внатрешна страна се обезбедени брисолеи, додека на надворешна страна на прозорите ќе бидат поставени нано филтри кои обезбедуваат чист воздух, рече Герасимовски.

При изведување на градежните зафати, нагласено беше дека се запазени сите безбедносни мерки за учениците и другите вработени и посетители во училиштето.

Директорката на училиштето, Светлана Масларевска исто така изрази задоволство од денешниот настан. бд/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан