• петок, 22 ноември 2024

Поставени наменски контејнери за електронски отпад во општина Зрновци

Поставени наменски контејнери за електронски отпад во општина Зрновци

Кочани, 6 јуни 2024 (МИА) – На неколку локации во општина Зрновци денеска беа поставени наменски контејнери за собирање и селектирање електронски отпад, а локалните јавни институции добија помали садови за истата намена. Со тоа ќе се обезбеди соодветно одлагање, транспорт и рециклирање на стари електрични уреди од домаќинствата за кои е потребен поинаков третман во однос на комуналниот отпад.

Поставувањето на контејнерите се реализира по договорот за соработка што го потпишаа Локалната самоуправа на Зрновци, јавното комунално претпријатие „Водна кула“ и Друштвото за управување со отпад „Елколект“ од Скопје.

-Се работи за договор за соработка и поддршка во управувањето со посебните текови на отпад на единиците на локална самоуправа, а наша обврска беше да ги определиме локациите на кои ќе бидат поставени контејнерите, како и институциите што ќе добијат наменски садови за електронски отпад. Со тоа нашите сограѓани заедно, совесно и одговорно преку собирање и правилно селектирање на отпадот ќе придонесат за подобрување на животната средина и спроведување одржливи практики што ќе имаат долготрајни и позитивни ефекти во општината, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Главниот собирен пункт е поставен на улицата „АВНОЈ“ во Зрновци, а Локалната самоуправа е меѓу неколкуте општини во Источниот плански регион кои соодветно го решаваат одлагањето на електронскиот отпад. Со тоа се остваруваат и заложбите за обезбедување здрава и зелена општина и создавање подобри услови за развој на руралниот туризам. та/дма/

 

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан