Поставена фотоволтаична централа во средното училиште „Таки Даскало“-Битола
- Средното општинско училиште „Таки Даскало“ од денеска има фотоволтаична централа, со јачина од 40 киловати, инвестиција вредна 1,8 милиони денари.

Битола, 2 април 2025 (МИА) - Средното општинско училиште „Таки Даскало“ од денеска има фотоволтаична централа, со јачина од 40 киловати, инвестиција вредна 1,8 милиони денари.
Со реализација на овој капитален проект, училиштето целосно ќе ги задоволува своите потреби за електрична енергија, вишокот на произведената електрична енергија ќе се продава на фирмата „Енерџи он“ од Скопје, а во наредниот период ќе се реализираат уште два големи инфраструктуни проекти, односно промена на внатрешните врати на училниците во двете училишни згради, како и промена на електричната инсталација во училиштето.
-Со реализација на овие проекти значително се обезбеди поефикасно и економично работење на училиштето, поквалитетен воспитно образовен процес и современи услови за настава, а поддршката од страна на Општината Битола ќе продолжи и во наредниот период, истакна градоначалникот Тони Коњановски по денешната посета во училиштето.
Со средства на локалната самоуправа, во СОУ „Таки Даскало“-Битола, набавени се нова информатичка и видео опрема, 19 телевизори, 18 персонални компјутери, 1 смарт табла, а набавен е и нов училиштен мебел. мт/вј/
Фото: Општина Битола